ГАНДИЕВСКИОТ ПРИОД НА ПРОТЕСТИТЕ Е НЕУСПЕШЕН

by Фокус

Арбен ГОЉА

Гледам, слушам и се чудам какво мазохистичко трпение има овој наш јаден народ. Фамилијата и нивните сателити секојдневно ни ја навредуваат интелигенцијата, играјќи ја со нас старата добра игра од детството викана јо-јо.

Ако некој од нас ја заборавил или не ја играл, накусо ќе му ја објаснам. На тенок ластик заврзан за средниот прст е врзано топче, кое го пушташ и го враќаш во раката. Токму така се однесува овој режим со нас, третирајќи нѐ како заложници на нивните гнасни игри, со кои земјата ја вовлекуваат во сѐ поголема криза.

Поголемиот дел од нас тоа пасивно го следиме, не преземајќи ама баш ништо, во очекување некој друг во наше име да стави крај на оваа агонија. Само 4 до 5 илјади одговорни и одважни граѓани секојдневно протестираат под името Шарена револуција, упорно надевајќи се дека и остатокот на незадоволните граѓани ќе им се придружат. Но, тие очигледно не можат да го победат својот вкоренет исконски страв, па седат спикани во своите домови на сигурно.

Ништо ново за овој народ, само ако тргнете од Табановце, па натаму, критериум за храброст е жаргонот „Do you have balls“, освен овде кај нас, каде што критериумот е „Дали имаш задник“. Мислам дека по однос на нашиот менталитет и нашата индивидуална и колективна храброст со ова кажано е сѐ. Пази Боже, со задник наназад да се искажувало храброст!

Од овие причини една толпа кепеци и џуџубејци ни предизвикуваат параноичен страв, кој безмилосно го користат и понатаму да ни ги уништуваат животите, а сѐ со цел да ја избегнат одговорноста за своите криминали со кои ја девастираа земјава.

Никако да ни стане јасно или, пак, од својот кукавичлак не можеме да согледаме дека овие Алан Форд негативци немаат скрупули, ниту морал да го артикулираат нашето оправдано незадоволство, па садистички продолжуваат да нѐ газат, користејќи ја нашата интровертност.

Ако погледнете низ историјата, сигурно нема да најдете ниту еден егзактен пример дека некоја диктатура или режим е срушен по мирен пат. Очигледно е дека гандиевскиот приод на протестите е повеќе од неадекватен и неуспешен, особено што спроти себе немаме една империја како Англија, туку една улична банда ропаци, со образи ѓон дебел како ѓонот на чизмите со кој нѐ газат, како што би рекол Сашо Орданоски.

На нив дефинитивно треба да им се случи „Народ“, да излезе на улиците и јасно да им се каже доста беше и да бидат сместени таму каде што одамна им е место. Зар овој народ не гледа дека овде не се работи само за криминал, пљачка, туку за велепредавство на Грујо и бандата, бидејќи свесно и безмилосно ја уништија земјата и ја доведоа државата до распаѓање.

Затоа, народе освести се, победи го стравот и излези на улица и очисти ја земјава од штеточиниве.

Доколку ова не ни допре до свеста, бидете сигурни дека нѐ очекуваат уште потешки времиња, мизерија и духовна сиромаштија.

Кога ќе сфатиме дека ние сме силата што ги поставува и менува политичарите и дека тие не се недопирливи, тогаш оваа земја ќе се ослободи од овие отпадници, кои бескрупулозно го злоупотребуваат нашиот глас и единствено што треба да направиме е да им го одземеме тој глас.

Крајно време е да ја оправдаме нашата улога на чувари на суверенитетот на нашава земја.