Галовеј: Среќна сум што ја видов Северна Македонија како домаќин на 4.800 сојузнички трупи од 8 земји

by Fokus

Во претседателската вила „Водно“ вчера беше одбележат Платиниумскиот јубилеј – 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора. Кралицата Елизабета владее подолго од кој било друг монарх во британската историја и е најистакнатиот дипломат во Обединетото Кралство, кој ги зацврстува старите односи и гради нови врски.

На приемот кој секоја година го организира британската амбасада во Скопје амбасадорката Рејчел Галовеј кажа дека долгогодишните билатерални односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија продолжија да ги зајакнуваат и одразуваат заеднички вредности и цели, како и соработката меѓу институциите, парламентите, војската и народот.

Галовеј кажа дека ова ќе биде нејзин последен говор за овој национален ден во земјава.

„Еден дипломатски мандат не е доволен за вистински да се запознае една земја. Нема доволно време да се постигне сѐ што може да се постигне дури и кога споделуваме исти цели, исти предизвици и грижи. Но, дури и во краткото време што бев тука, имав толку многу среќа да посведочам на навистина драматични и храбри промени. Го видов македонското знаме како гордо се вее над Молот во Лондон и гледав како Северна Македонија станува 30-та членка на НАТО. Во текот на последните неколку недели ја видов Северна Македонија како домаќин на 4.800 сојузнички трупи од 8 земји, предводени од глобалните сили за одговор на Обединетото Кралство – кои се запознаваа, се здружуваа, се обучуваа заедно и се подготвуваа заедно да одговорат на кризи“, кажа Галовеј.

Амбасадорката во својот говор кажа дека во нејзиниот мандат заедно со институциите работеле да нема деца под 18 години кои ќе живеат во институции, да се организира маршот на гордоста, а се работи и со млади луѓе за да им се покаже дека имаат иднина во земјава.

„Посведочив и на зајакнувањето на нашите трговски односи со новиот Договор за партнерство за трговија и соработка. Обединетото Кралство останува еден од главните странски директни инвеститори во земјата благодарение на инвестициите на британските компании како Џонсон Мети. Северна Македонија во моментов е домаќин на најголемата фабрика на Џонсон Мети во Европа, најуспешната директна странска инвестиција во земјата“, кажа амбасадорката Галовеј која за еден месец ќе ја напушти земјава.

Поврзани новости