Ѓорѓи Галетановски, поранешниот директор на ЗОО Скопје, кој си замина од функцијата во периодот кога на чело на градот дојде Данела Арсовска, и во чиј мандат градината забележа неверојатен развој и успешно менаџирање, денес поднесе документи за кандидатура за директор на ЗОО Скопје.
Веста ја потврди за ,,Фокус”, појаснувајќи дека ги поднел документите по распишаниот оглас на Град Скопје, за нов директор на Зоолошката градина.
-Денес на ден 13.08.2024 поднесувам документи на огласот на Град Скопје за директор на ЗОО Скопје. Се одважив и поднесувам во името на многу засегнати граѓани на Скопје и Македонија кои ми пишаа деновиве, но најмногу поради животните и моите колеги кои заслужуваат мир, благосостојба и услови достојни за нив.
Барам од градоначалничката Данела Арсовска и Советот на Град Скопје мандат од една година во кој тврдам и ветувам дека со моите колеги и многу општествено одговорни компании и јавни личности од државава ќе ги подобрам условите и ќе ја вратам нивната и гордоста на ЗОО Скопје, тврди Галетановски.
Додава дека негова визија е враќање на кандидатурата во ЕАЗА и дистанцирање на ЗОО Скопје од политички влијанија.
Галетановски останува запамтен како еден од најпродуктивните луѓе кои во последниве децении дошле на чело на градината, а во неговиот мандат Скопје ЗОО се најде како пример за позитивно и одговорно работење во многу светски медиуми.
По неговото заминување од челното место во Зоолошката градина, се случија низа на немили настани, труење на трите пржевалски коњи, чиј убиец и до денес не е откриен, а починаа и голем број на други ретки видови на животни, како жирафи, слоница, пингвини…
По секое такво случување во Зоолошката, редовни беа јавните апели на социјалните мрежи за враќање на Галетановски на функцијата директор, со цел да се продолжи со позитивна работа во градината, и да се мисли на благосостојбата на животните кои живеат таму.
Вики Клинчарова