„Ако се кандидирам за градоначалник на Град Скопје, не гледам ни анкети ни рејтинзи. Мене доволна анкета ми се сите граѓани кои ми дадоа поддршка додека бев директор на ЗОО-Скопје. И, не знам кој ги дава тие изјави, но би се кандидирал само ако има фер и натпартиска трка“.
Ова го вели првиот човек на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на скопската зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски, кој, како што вчера објави „Фокус“, е еден од потенцијалните кандидати на СДСМ за градоначалник на Скопје на следните локални избори, заедно со Каја Шукова, Андреј Петров, Мишко Ралев.
-Апетити и желби имаат многу, но сите тие кандидати освен желба треба да имаат визија и јасен став дека на Скопје му требаат брзи и конкретни решенија за спас. Максимално е загадено, јавниот превоз е колабиран, проблемот со улични кучиња не е решен, јавните претпријатија се блокирани.
Партизацијата во градската администрација го направи своето и дојдено е време кога треба градоначалник за сите граѓани, без его и хирови на штета на скопјани. Затоа, нека потпишат сите кандидати изјави за кривична одговорност доколку во првите 2 години не исполнат 50 отсто од програмата, па потоа нека се кандидираат. Се друго се празни ветувања.
Нека ги вратат партиските книшки во партија и нека ветат на скопјани дека ќе работат за сите граѓани, а не само за партиските луѓе. Најважно од се е оној што ќе стане градоначалник да ги деполитизира институциите и администрацијата во градот.
Да им даде да потпишат изјави на сите директори дека нема да местат тендери и да менуваат раководители и вработени по партиска линија. Дека на конкурси за вработување ќе имаат предност младите. Е така би се кандидирал – вели Галетановски за „Фокус“.
Можни градоначалнички битки за Скопје: Кои се главните адути на ВМРО и СДСМ за главниот град?
В.С.