Пред да падне во стечај пред година и пол, некогашниот градежен гигант „Бетон Скопје“ не успеа да ја реализира одлуката на Собранието на акционери за продажба на дел од недвижниот имот, со цел да се обезбедат средства за стабилизирање на друштвото, откако се соочи со потешкотии во работењето.
Поранешна фирма на зетот на Минчо ќе го воскреснува скопски „Бетон“ од стечај!
Поточно, скопски „Бетон“ успеа да го продаде хотелот во Дојран, и тоа на компанија во сопственост на офшор-фирма преку која Минчо Јорданов всушност го поседуваше и „Бетон“, меѓутоа не успеа да го продаде хотелот во Охрид, како и недоградениот хотел во центарот на Скопје, веднаш до централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, тоа се случи поради одлука на Јавното обвинителство да го замрзне имотот на градежната компанија и на тој начин да ја спречи да го реализира „планот за реорганизација и реструктуирање“, што, како што истакнаа тогаш од „Бетон“, довело до огромни финансиски загуби, бидејќи се создала недоверба во компанијата и во нејзината способност за регулирање на обврските.
На тој начин, остана непродаден и хотелот што „Бетон“ почна да го гради веднаш до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како дел од договорот меѓу двете страни за изградба на нов централен штаб на моментално владејачката партија, што е дел од предметот „Талир 2“. Згора на тоа, компанијата уште пред да падне во стечај се пожали дека Катастарот на недвижности одбивал да го изврши уписот на хотелот, иако имала градежна дозвола.
Минчо се пријави како сопственик на офшор-фирма со огромен имот
Во рамки на истражувањето на неделникот „Фокус“ за текот на стечајната постапка на „Бетон Скопје“, која не се движи кон ликвидација, туку кон реорганизација и рестарт на друштвото, меѓу другото, обезбедивме информација дека, откако хотелот на градежната компанија до ВМРО-ДПМНЕ не бил впишан во имотен лист, стечајниот управник Ацо Петров поднел барање за легализација по отворање на стечајната постапка.
За разлика од најголем дел од останатиот недвижен имот на „Бетон“, кој бил или се уште е оптоварен со хипотеки, така што дел од него, како управната зграда во Скопје веќе е продадена, недоградениот хотел во строгиот центар на Скопје нема товар, што значи дека успешното завршување на постапката за легализација би донела значаен извор од кој би можело да се намират доверители или да продолжи да функционира друштвото, зависно од крајниот епилог на стечајот.
Влатко Стојановски