Изградбата на асфалтна база во Визбегово предизвика протести од страна на локалните стопанственици и жители, кои сметаат дека ваква постројка ќе предизвика штетни последици врз колективното здравје и ќе ги обезвредни нивните деловни потфати. Воедно, тие и физички ја блокираат изградбата на објектот од страна на инвеститорот „Топ Билд“, иако ја поседува цела потребна документација, вклучително правосилна градежна дозвола и одобрен елаборат за заштита на животната средина. Додека демонстрантите се обидуваат правно да ја оспорат оваа документација, тврдејќи дека е обезбедена незаконски, инвеститорот поднел пријави поради тоа што е бесправно оневозможен да реализира законски права.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Станува збор за постројка што треба да се постави на локација на самиот крај на индустриска зона Визбегово, каде што впрочем завршува асфалтираниот пат и продолжува тесен земјен пат. Само десетина метри подолу, самиот пат е претворен во една мини-депонија, со оглед дека наоколу е расфрлано ѓубре, отпад и шут.
Во близина на оваа локација има хала за трговија со градежни материјали, малку подалеку има уште неколку објекти и хотел, додека не е така далеку ниту големата дива депонија, која често знае да биде опожарувана. Сите други објекти се подалеку од локацијата каде што треба да никне асфалтна база, од каде што во видно поле може да се забележат и два каменоломи, бетонска база, асфалтна база…
Како инвеститор на најновата асфалтна база се јавува градежната компанија „Топ Билд“, која лани го купила плацот, додека на почетокот на оваа година добила одобрение за градење од страна на Општина Чучер Сандево, во чии територијални граници влегува парцелата. Откако оваа дозвола станала правосилна, компанијата почнала и со градежни активности.
Иако инвеститорот успеал да изгради бетонска плоча, сепак, никогаш не успеал да почне со монтажа на асфалтната база, која веќе неколку месеци е стационирана и фаќа прашина на плац во Илинден, во друштво на камионите за транспорт на асфалтот што треба да се произведува. А, причината за ваквиот епилог се протестите што избија против изградба на базата.
Имено, сопственици на фирми и објекти во Визбегово, во организација на Здружението на стопанственици од индустриска зона Визбегово, организираа протести, па дури и физички ја блокираа изградбата на асфалтната база, предупредувајќи дека производството на асфалт му наштетува на колективното здравје и предизвикува карционом и редица други болести.
Патем, на протестите тие испорачаа обвинувања дека Општината не смеела да издаде одобрение за градење, бидејќи асфалтните бази не спаѓале во лесна, туку во тешка загадувачка индустрија. Дури, тие тврдат дека елаборатот за заштита на животната средина бил изработен со наштелувани податоци, со цел да се добие позитивното решение од Министерството за животна средина, без кое не може да се издаде дозволата за градење.
Додека тие ја блокираат изградбата на асфалтната база, барајќи преиспитување на елаборатот за животна средина, чие евентуално пропаѓање би го довело до прашање и одобрението за градење, инвеститорот се жали дека трпи голема деловна штета. Според нив, ваквите активности го поткопуваат владеењето на правото и принципот на предвидливост во работењето.
„По извршените проверки во надлежните организациски единици во МВР во чија надлежност за постапување е лоцирана асфалтната база Визбегово, од страна на правното лице за кое прашувате („Топ Билд“), во ПО Мирковци пријавени се 3 настани во период од 28.05.2024 година заклучно со 08.07.2024 година. Настаните се однесуваат на блокирање на објектот од страна на незадоволни граѓани, поточно поставување на работна машина-багер на влез-излез од објектот со што се оневозможувало функционирање на правното лице.
Во врска со пријавените настани, учесниците во истите се предупредени сите недоразбирања да ги решаваат пред надлежните органи без нарушување на јавен ред и мир. Исто така, регистрирана е и една пријава од вработени во правното лице на кои од група граѓани кои протестирале им било оневозможено да работат и им била загрозена нивната безбедност и сигурност за што е сочинет записник за примање на пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста“, кое се гони по приватна тужба“, не информираа од МВР.
Се обративме и до Министерството за екологија на чело со министерот Изет Меџити, кој веќе изјави дека асфалтните бази „можно е да се канцерогени“. Прашавме каква е позицијата на Министерството и министерот во однос на овој случај? Исто така, прашавме дали моментално се вршат проверки и ревизија во врска со издаденото решение за елаборатот за животна средина за овој објект?
„Во Елаборатот за заштита на животната средина се наведени техничките карактеристики на асфалтната база модел „BE TOWER 1500“, и сертификатот за стандардите за квалитет на животната средина на базата. Согласно сертификатот за животна средина, кој го издава производителот на инсталацијата „MARINI FAYAT GROUP“, емисиите на гранични вредности ги задоволуваат барањата на Правилникот за граничните вредности за дозволените ниво на емисии и видови на загадувачки супстанци во отпадните гасови и пареа кои емитираат стационарните извори во воздухот.
Согласно Законот за животна средина и подзаконските акти не предвидуваат ревизија на одобрени елаборати за заштита на животната средина. Податоците кои се доставени во елаборатот за животна средина се потврдуваат со Изјава со која под морална, материјална и кривична одговорност и инвеститорот потврдува дека податоците се вистинити, точни и комплетни. Емисиите на гранични вредности кои се доставени со сертификат за животна средина, кој го издава производителот на инсталацијата „МАРИНИ ФАЅАТ ГРОУП“ и понатака потребно е да се потврдат со мониторингот на воздух кој ќе биде утврден во А-интегрираната дозвола…“, ни одговорија од таму.
Од причина што елаборатот за животна средина е во директна корелација со одобрението за градење, бидејќи тоа претставува еден од предусловите, односно неопходните документи за да биде издадено одобрението, се обративме и до Општината Чучер Сандево. Од таму добивме одговор дека „видот на градбата која е предмет на барање на „Топ Билд“ се однесува на асфалтна база и тоа е во согласност со намената на земјиштето“.
„Согласно член 77 став 1 од Правилник за урбанистичко планирање (Сл. весник на РМ, број 225/20,219/21,104/22 и 99/23), асфалтните бази спаѓаат во основната класа на намена Г 2 – Лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија, поткласа Г 2.1 – Лесна градежна индустрија со производство на градежни елементи и производи, погони и бази за производство на асфалт и бетон“, велат од Чучер Сандево, на чело со градоначалникот Сашко Комненовиќ.
Искомунициравме и со инвеститорот „Топ Билд“, од каде што тврдат дека цел проект за изградба асфалтна база е кристално чист. Како што посочуваат, за ниту една асфалтна база, освен ако не е во заштитено подрачје или во национален парк, не се бара студија, која предвидува јавни расправи. Туку, нагласуваат од таму, се бара и доставува елаборат, како што е направено во случајот и при што се наведени сите најбитни објекти од опкружувањето, по што е добиено и одобрение за градење.
„Опремата е набавена од компанијата „Марини“ од Алфонсине во Италија, која е дел од „Фајат Група“ од Бордо, Франција. Оваа групација на годишно ниво бележи приходи од скоро 6 милијарди евра, што е отприлика колку годишниот буџет на Македонија, и вработува околу 24.000 луѓе во ЕУ. Впрочем, половина од патиштата, булеварите и улиците во државата се асфалтирани со опрема од овој производител и групацијата на која припаѓа“, велат од компанијата.
Од таму ни доставија и документација, од која составен дел се документи поврзани со постапката за добивање на одобрението за градење. Тоа ги подразбира сите неопходни документи што се потребни за издавање на дозволата, така што, покрај решението за одобрување на фамозниот елаборат за животна средина, спаѓаат и редица други позитивни мислења, заедно со ревидираната проектна документација, извод од урбанистички план, (пред)договор за купопродажба, имотен лист…
Покрај останатото, Министерството за животна средина во ноември ланската 2023 година издало решение со број УП1/-11/4-1648/2023 за одобрување на елаборатот за животна средина за асфалтната база „BE TOWER“, кој бил изработен од страна на друштвото „Еко Енерџи Агри Дизајн“. Како што се наведува во решението што го поседуваме, од доставената документација констатирано е дека изградбата на овој објект „нема да има значителни влијанија врз животната средина“.
„Фокус“ располага и со имотниот лист, изводот од ДУП-от и други документи, кои покажуваат дека претходно сопственик на овој плац била компанијата „Виа Маркетинг Зони“, која му го продава имотот на „Топ Билд“ кон средината на ланската 2023 година. Двете страни прво склучуваат договор за купопродажба, а потоа и договор за пренос на правото за градење, уште пред договорот да биде солеминизиран на нотар. Пренамената на земјиштето во Г2 се случува во 2020 година.
Колку за информација, асфалтни бази на MARINI се инсталирани во Милано, Италија (2016), во Болоња, Италија (2018), во Шолнок, Унгарија (2018), во Хаселбах, Австрија (2021), во Париз, Франција (2022), во Мисен, Норвешка (2023)… Исто така, една обична проверка покажува дека асфалтни бази се сместени во многу други светски градови, меѓу кои и Њујорк. Во сите нив тие се лоцирани многу длабоко во урбаното јадро.
Во тој контекст, NAPA (National Asphalt Pavement Association), асоцијација која ги застапува интересите на производителите на асфалт во САД, изработила студија насловена „Влијанието на асфалтните бази врз животната средина“, во која се наведува дека стотици заедници мирно коегзистираат со асфалтни бази. Како што се наведува, американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА) уште во 2002 година ги отстранила асфалтните бази како главен извор на загадување.
„Понекогаш мирисите од загреани материјали може да произлегуваат и од фабрика за асфалт. Иако тие може да бидат забележливи, овие мириси не претставуваат опасност ниту за вработените, ниту за заедницата. Забележлив мирис не укажува на опасност по здравјето. Мирисите на асфалтните постројки не се штетни“, стои во документот, каде се нагласува дека емисиите на асфалтните постројки дополнително се намалуваат поради иновативните системи за контрола и технологија на производство.
Патем речено, во оваа студија се реферира на уште една студија изготвена во 2001 година, која покажала дека ниските годишни емисии од фабрика за асфалт се еквивалентни или далеку под многу други вообичаени извори. За илустрација, слични емисии на испарливи органски соединенија (ВОЦ) имаат од една пекарница која работи околу 2 недели или 13 станбени камини во текот на цела година.
Во меѓувреме, добивме одговори и од Здружението на стопанственици од Визбегово, од каде велат дека постројките за производство на асфалт од секогаш биле контроверзна тема, која е поврзана со загадувањето на околината, како и со намалувањето на вредноста на околните имоти и нарушување на квалитетот на живот во околината на ваквите постројки.
„Во рамки на борбата за чист воздух и здрава животна средина, ги имаме покренато сите правни капацитети на здружението. Правниот тим има изнајдено бројни недостатоци во постапката за добивање дозвола за градба и продолжува да работи на истражување на понатамошни сомненија за неправилности во постапките, како и за коруптивни дејствија со кои се обезбедени одобренија што придонеле до ваквата ситуација. За сите сознанија до кои дошла индустриската зона се известуваат и ќе бидат известувани надлежните органи“, велат од Здружението.
Како пример за нивната загриженост, ни доставија извадок од публикација од истражување направено од Одделот за здравство на Њу Џерси од 2019-та година, во кое многу детално се наведуваат ризиците и проблемите поврзани со живеење и работење во близина на асфалтна база. Ова, како што велат од таму, е само едно од многуте истражувања, кои покажуваат дека производството на асфалт и понатаму е „контроверзна индустрија“ и затоа треба да биде лоцирана подалеку од местата каде што гравитираат голем број луѓе.
Цела сторија прочитајте ја во неделникот „Фокус“ кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.