Најголемиот трговски центар во земјава „East Gate Mall“ почнува со работа денеска, а синоќа беше свеченото отворање со бројни гости од политиката, бизнисмени и ВИП-гости. Трговскиот центар има 220 локални и интернационални брендови, а располага и со модерни кафетерии, посебен оддел за брза храна со капацитет за 800 посетители, хипер маркет, салони за бела техника и мебел и кино сали.
Обезбеден е паркинг простор за околу 2000 возила, а е единствениот мол во земјава кој е опкружен и со зелени паркови.
Трговскиот центар се наоѓа на местото на поранешниот Скопски саем и е на само пет минути од центарот на Скопје.
Очекувањата се дека трговскиот центар ќе има околу 12 милиони посетители годишно, а закупците ќе остварат нето промет од 120 милиони евра. Предвидено е да се отворат повеќе од 2500 вработувања пред се во секторот трговија, но и во услужните дејности и оние кои се компатибилни со трговијата.
Трговскиот центар е дел од мултифункционалниот проект „Skopje East Gate“ кој предвидува и изградба на резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна бруто изградена површина од над 500.000 м2.
„Skopje East Gate“ е дел од приватната инвестициска групација „Балфин“ која од основањето во 1993 година е активна на полето на недвижности, малопродажба, минерална индустрија, туризам, земјоделство, енергетика, услуги и инвестиции. Вкупната инвестиција се проценува на околу 103 милиони евра, а за изградба на трговскиот центар лани беше потпишан договор за синдициран заем во вредност од 72 милиони евра со домашни и странски банки. Ова е втор проект на оваа групација по изградбата на Скопје сити мол кој во 2015 година го продаде на британската компанија Hystead Limited.
ФОТО: Томислав Георгиев