Ми дадовте огромна политичка одговорност, која во месеците и годините што се пред нас имам намера да ја оправдам во целост, во интерес на подобриот и посреќен живот на сите наши граѓани, рече Стево Пендаровски, кој попладнево доби едногласна поддршка од 712 делегати од 783 присутни на 23-тиот Конгрес на СДСМ.
Актуелениот национален координатор за подготовка на земјата за членство НАТО и универзитетски професор Пендаровски официјално влегува во трката за претседател на државата на шестите избори на 21 април. Своето обраќање Пендаровски го почна со благодарност за изборот и, како што објави и вчера на својот фејсбук-профил, рече дека е чест што добива поддршка од 31 политичка партија, од претставници на сите етнички заедници, но и од многу граѓани кои не се членови на партии, а на кои, рече, „нашата Македонија им лежи во срцето“.
Посебна благодарност упати до СДСМ и до лидерот и премиер Зоран Заев кои, како што рече, направиле политички потег без преседан и му дале шанса повторно да биде кандидат по пет години, да влезе во трка за претседател повторно по 2014 година кога, рече, „сите ние бевме предмет на брутален изборен инженеринг“.
ФОТО: Томислав Георгиев