ГАЛЕРИЈА Никола Груевски пред избори: Карирана кошула за впечаток на добро момче од соседството

by Fokus
Лидерот на опозицијата, Никола Груевски, повторно ги извади од плакарот карираните кошули, кои беа негов препознатлив знак и во времето пред локалните избори во 2013 година. Тогаш, тие беа задолжително парче гардероба, со кое се појавуваше на средби со граѓани, на поставување на камен темелници во индустриски зони, на промоции на литературни дела, пуштање во употреба на училишни спортски сали и слично.
 
Деновиве, во кошули со кариран дезен тој крстосува низ Македонија, правејќи увид во работата околу изградба на водоводи, спортски сали, улици и реализација на други објекти, и се среќава со граѓани. Исто, како и во предизборниот период пред четири години, кога тој на речиси сите активности организирани надвор од конференциските сали, се појавуваше во разнобојни карирани кошули, сега повторно му се враќа на стaриот моден тренд.
 
Спортски стил, лежарен стил, работна класика или модна разиграност – тоа е облека што се носи во тек на ден, но и на вечерни излегувања. Па можеби посоветуван од моден критичар, Груевски периодов им се врати на карираните кошули, кои ги носи не само на дневните настани и обиколки во општините каде врши увид, туку и за време на вечерни настани, како што беше на пример концертот на Бајага и Инструктори пред неколку дена, кога Груевски се дружеше со музичката ѕвезда.
 
Според светските модни критичари, токму ова парче облека се вклопува во сите модни стилови и остава впечаток на добро момче од соседството, за личноста која го носи. Дури и Холивудските ѕвезди Бред Пит и Колин Фарел често знаат да ги облечат карираните кошули, што тамошните стилисти го толкуваа како обид да се претстават во едно убаво светло, како обични момци, дел од народните маси, а не недопирливи ѕвезди.
 
И поранешниот јапонски премиер Јукио Хатојама пред околу седум години се навлече на карираните кошули, но откако се појави во разнобојна со јаки бои, заработи лавина од критики од тамошните модни експерти, па повторно им се врати на еднобојните класични кошули.
 
Во минатото, додека беше премиер, Груевски во повеќе наврати беше критикуван поради својот моден стил, но и поради непочитување на правилата за облекување на официјални настани. Беше критикуван за појавување во светол костум за време на комеморативна миса, појавување во ист костум, вратоврска и кошула дури на четири различни настани во еден ден, односно од фрлање лопата до свечен прием.
 
Пред неколу недели, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски информираше дека Никола го советувале дури 86 луѓе. Не е познато дали помеѓу сите тие советници тој имал и моден стилист, што обично е случај со светски познатите политичари.
За разлика од него, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески уште пред неколку години изјави дека за неговиот изглед се грижел стилистот Алек Палада, но ги слушал советите и од неговата сопруга Фанче.
Вики Клинчарова
 
 

Поврзани новости