ГАЛЕРИЈА Доделување на наградата за животно дело на уредничката на Фокус

by Фокус

Со фактот дека луѓето со кои работам ме предложија, јас веќе ја добив наградата. Кога ми се јавија од ЗНМ да ме известат, бев изненадена, но и среќна, рече уредничката на „Фокус“, Јадранка Костова, која денес ја доби наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, што ја доделува Здружението на новинари на Македонија.

-Ова е двојна награда за мене. Прво, неопходно е да се биде во служба на јавниот интерес и контролор на секоја власт. Кога беа едните на власт, не си ги нарушив принципите и два пати менував работно место. Кога беа вторите на власт, ме влечеа по судски процеси. Второ, иако новинарството го дава индивидуалноста, потребен е и редакциски тим, позитивна атмосфера. Тоа даде резултат во „Без наслов, но со повод“, но тоа го имам и во „Фокус“, со одлични колеги – рече Костова.

Во својот говор, таа го спомена и основачот на „Фокус“, Никола Младенов, заради кој, како што истакна, заминала да работи во овој медиум. За потсетување, Младенов постхумно ја доби наградата за животно дело.

– Честопати жестоко полемизиравме со саати, но се согласувавме дека светот го движи напред борбата на мислења, а не едноумието – порача Костова, која заедно со Младенов водеа битка за зачувување на неделникот „Фокус“ во време кога тогашната власт преку судски процеси со големи парични казни сакаше да го згасне критичкиот дух на медиумот, а по неговата смрт, токму по иницијатива на Костова се рестартираше неделникот и по извесно време потоа се отвори и електронското издание на „Фокус“.

Инаку, ЗНМ годинава на новинарката Соња Колевска-Делевска од СДК и ја додели наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија за нејзиниот серијал текстови за случајот со Тони Сали, младо момче, лице без државјанство, кое минатата година почина откако цела деценија водеше битка за да добие матичен број и извод на родени, додека наградата за известување на теми од локално и регионално значење ја добија новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова од порталот Дума.мк.

Поврзани новости