ГАЛЕРИЈА Борко Ристовски: Од аеродром право во прегратка на сопругата и новородениот син

by Fokus
Македонскиот репрезентативен голман во ракомет, Борко Ристовски и неговата сопруга Николина кои пред два дена го добија своето прво дете, синот Душан, велат дека го живеат својот сон.

Раскажуваат дека Душан е нивниот најголем благослов кој им ги комплетирал животите, а за читателите на ,,Фокус’’ Николина ги открива деталите од најсреќниот чин, реакциите на Борко и нивните планови за во иднина.

-Душан се роди во клиниката во Скопје под надзор на Др. Миле Тантуровски во кого од почеток имавме голема доверба. Борко не беше присутен на самата операција, тој истиот ден секако требаше да пристигне во Македонија, но природата така ги намести случувањата. Борко имаше неколку утакмици со својот клуб на крајот на месецот и моравме да бидеме разделени десетина дена, па како го поминавме терминот, неколку дена сите коментираат како Душан излегол таман да си го дочека татко му. Јас имав желба да се породам природно, но иако така започна породувањето, на крај бев породена со царски рез, па сега се окрепувам како што и бара оваа операција. Тато ни пристигна истата вечер и веднаш од аеродром ни дојде да се гушнеме – раскажува пресреќната мајка.

Вели дека како и секоја друга мајка која што тврди дека раѓањето на детето и било најубавото нешто во животот, така и за неа овој настан бил нешто најсвето.

-Операцијата се одвиваше со спинална анестезија, така да јас бев свесна цело време, и моментот кога го извадија и кога му го слушнав гласот не може да се пренесе со зборови. Знам дека ми појдоа солзи и само во него гледав и си мислев дека тоа е најубавото суштество што го имам видено. Бргу ми го дадоа да си го бакнам и го однесоа. После следуваа неколку саати каде бевме разделени, но за кратко ме пренесоа во апартман каде се чувствувам одлично, имам приватност и време за закрепнување. Истата вечер ми го донесоа Душан, па тие неколку саати гушкање за мене беа магија, го дочекавме и тато Борко кој беше пресреќен, насмеан, со солзи во очите, збунет… Тие моменти се нешто што му даваат смисла на животот – вели Николина.

Додава дека најблиските роднини исто така биле пресреќни, и го поминале цел ден покрај неа, по што се чувствувала како да е веќе дома. Раскажува дека синот го добил името Душан во чест на починатиот татко на Борко, но сепак, уште многу одамна, пред воопшто и да се познаваат, имала претчувство дека еден ден ќе има син кој ќе се вика Душан.

-Името Душан е во чест на татко му на Борко, кој за жал е починат, но фамилијата и традицијата за нас е најважно нешто и љубовта и поврзаноста секогаш останува. Интересно е што и пред да го запознаам Борко, кога сум размислувала за тоа дека сакам да бидам еден ден мајка, си го мислев името Душан. Некои работи немаат објаснување, но се случуваат и најпрекрасни се – вели мајката која деновиве ги користи за закрепнување.

Со Борко раскажуваат дека наскоро сите заедно ќе си заминат во Барселона и се радуваат на заедничкиот живот.

-Веруваме дека наредните месеци ќе ни бидат најубавите во животот! Летово почнува и ракометниот камп Барселона кој се организира во Сплит во Хрватска. Борко ќе биде и работно таму, така да некој период летово ќе поминеме во Хрватска, а после тоа ќе градиме одново планови, во зависност од тоа какви ќе бидат работните ангажмани на Борко, како ќе се однесува Душан, кој од втори април е најважното човече во нашите животи. Имаме неколку опции, верувам ќе ја избереме најубавата за нас – тврди Ристовска.

Вели дека има голема помош од најблиските и ужива во родителството.

-Навистина најблиските се мое богатство. Јас само се надевам дека бргу ќе се вклопиме, верувам дека тоа се најспонтани работи, за кои треба само малку поддршка и по некој совет, а жената е створена да биде мајка. Мајчинството е најголемиот благослов и најголема среќа, уште кога покрај себе имате маж кој се грижи за вас, кој во секој момент ве поддржува, ве чува и сака, тогаш единствено останува да се ужива во родителството – раскажува мајката.

Се присетува дека имала тешка бременост, но тоа веќе било зад нив, и сега само се радувала на иднината.

-Борко многу сака деца. Ние неколку месеци уште пред да останам бремена, имавме голема желба да бидеме родители. Јас имав доста тешка бременост, но тоа ме зајакна и ме направи посилен човек, ме научи на многу работи, а откако си го имам Душан се си има своја смисла. Борко уште веднаш прокоментира како веднаш сака и второ дете, но мене навистина ми треба една убава пауза, да му се посветам на Душан и да го заборавам ,,лошото’’ и ,,непријатното” кое мораше да биде дел од најубавото искуство во мојот живот – изјави сопругата на голманската легенда.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости