(ГАЛЕРИЈА) Алијанса и Алтернатива: ДУИ нема легитимитет да ги застапува Албанците во Македонија

by fokus

Држава што ги почнува преговорите за членство во Европската Унија не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основното човечко и политичко право во ЕУ, порача коалицијата на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива од вечерашниот „Марш за демократија“ во Скопје.

Според коалицијата, ДУИ не е победник на овие избори и нема легитимитет да го застапува албанскиот народ во Северна Македонија.

Лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши во обраќањето пред делегацијата на ЕУ од маршот упатија две барања до земјите – членки на ЕУ: да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик.

– ДУИ не е победник на овие избори, туку е арамија на албанската политичка волја. Може да ја има легалноста според Државна изборна комисија, но никогаш нема да има легитимност за застапување на албанскиот народ во Северна Македонија. Ако сме земја која има за цел европска интеграција, слободата и демократијата треба да бидат клучен збор за оваа интеграција. Бараме од земјите на Европската унија, да се ​​осуди злоупотребата на правото на глас и да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците во Северна Македонија, како и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик за идните избори, како што оценија, да станат пример дека нашата земја ги исполнува европските стандарди за фер и демократски изборен процес, беше порачано од собирот.

 

За организаторите, изборите на 15 јули 2020 година се најнедемократските избори што некогаш биле одржани во земјава.

– Овие избори уште еднаш докажаа дека демократијата кај Албанците е безначајна идеја, зашто зборот „избори“ во албанскиот политички камп стана еквивалентен на зборот кражба. Манипулацијата со волјата на албанските гласачи, што веќе се случува на неколку изборни циклуси и која беше брутално истакната особено на последните избори, е аларм за нас дека ако не реагираме денес, утре може да биде предоцна. Како партија, може да се повлечеме од оваа нееднаква и не фер трка за нас, но се плашиме дека албанските гласачи ќе се лизгаат кон диктатурата и на долг рок може да има непожелни и непредвидливи импликации не само за Албанците, кои денес се жртви на државно фаќање, сметаат АА и Алтернатива.

Поврзани новости