Кристиано Роналдо, најплатениот спортист кој според листата на Форбс тежи 120 милиони долари, веќе со години наназад дополнително заработува од продажба на долна облека. Неговиот бренд ЦР7 е достапен преку официјалната веб продавница на фудбалерот, а исто така го има во голем број на продавници ширум светот.
Во асортиманот на Роналдо можат да се најдат машки гаќи, и тоа три пара за 2.400 денари, кои содржат 95 проценти памук и пет проценти еластин. Како што е наведено во описот на производот, тие нудат максимален комфорт, и овозможуваат на кожата да дише, и даваат згоден изглед на оние кои ги носат.
Се нуди и поевтина варијанта, односно три пара гаќи на распродажба, постар модел, по цена од 960 денари.
Покрај гаќите, се нудат и ѕиври по цена од 950 денари и чорапи за 1.350 денари.
Сите производи го имаат испишано логото на фудбалерот, односно ЦР7, или пак со големи букви е испишано неговото име и презиме.
До пред неколку години се продаваа и производи од џинс, но повеќе ги нема во понудата. Наместо нив, сега се продаваат кратки машки бањарки по цена од околу 5.000 денари.
Сепак, доколку некој од Македонија посака да ги купи гаќите или ѕиврите на Роналдо, тие се уште не се достапни за продажба во нашата земја.
Се продаваат во повеќето развиени земји, но и во Чиле, Украина, Полска, Перу, Аргентина, но сепак не може да се порачаат од Македонија, ниту пак од регионот.
И покрај тоа што брендот ЦР7 постои веќе девет години, Балканот не е на листата на земји каде може да се испорачаат производите на Роналдо. Дали Балканот не е атрактивна бизнис дестинација за фудбалерот и се проценило дека продажбата на неговите производи нема да оди во добра линија, нема податоци.
-ЦР7 произведува квалитетни и удобни производи за фановите на Роналдо. Со нив ќе имате топ перформанси и ќе ви траат долго – пишува на официјалната страница за продажба.
Вики Клинчарова