Министерството за спорт на Јужна Кореја побара средба со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах поради гафот за време на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз.
Таму, Јужна Кореја беше погрешно претставена како Северна Кореја за време на парадата на спортистите.
„Побаравме и од Министерството за надворешни работи да испрати протестна нота до Франција“, се вели во соопштението на јужнокорејското министерство, а пренесува агенцијата Јонхап.
Јужнокорејскиот спортски олимписки комитет поднесе жалба до организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз за да спречи слични случаи да се повторат.
Додека јужнокорејската делегација пловеше покрај Сена на церемонијата на отворање на Олимпијадата, француски најавувач преку разглас објави „Демократска Народна Република Кореја“, што е официјалното име на Северна Кореја.
На ТВ екраните, сепак, точното име на државата беше наведено како „Република Кореја“.
МОК објави извинување на корејски на платформата X.
„Длабоко се извинуваме за грешката што се случи при претставувањето на јужнокорејската делегација за време на церемонијата на отворањето“, се вели во соопштението.
Бродот со јужнокорејските спортисти беше 48-ми во низата, а севернокорејските атлетичарки на 153-то место.
Вчера со свечена церемонија во Париз беа отворени Летните олимписки игри кои ќе траат до 11 август.