Директорот на Ансамблот за албански народни ора и песна, Шкодран Толај останува на позицијата и покрај констатираните неправилности во неговата работа и „повторување на делото“. Никој од Владата, ниту од Министерството за култура не бара одговорност, ниту му пречи тоа што директор ненаменски трошел државни пари. „Фокус“ ги обезбеди и записниците од инспекциските надзори каде се утврдени прекршоци на повеќе закони.
Поранешниот претседател на Комисијата за фолклор при Министерството за култура и човек со 40 години искуство во фолклорот, Емин Гаџа во сведоштво за „Фокус“ вели дека бил разрешен од позицијата токму во моментите кога побарал отчетност од директорот на Ансамблот за албански народни ора и песни.
Според него, директорот Толај е погрешен човек за Ансамблот и доколку нешто не се преземе, ќе трпи албанскиот фолклор и култура.
Луѓето се прашуваат зошто јас се бунам. Не се бунам, ниту имам намера да критикувам некоја партија. Едноставно сакам да им укажам за луѓе што се на погрешно место. Уметноста е работа што се гледа и не можеш да ја прикриеш. Што можат добри уметници да направат, тоа не можат ни сто партии. Затоа уметниците не може да бидат на услуга на партиите, смета Гаџа.
Вели дека со тогашната министерка за култура, Ирена Стефоска соработката им почнала добро и таа прифаќала совети од Комисијата.
Кога станал претседател на Комисијата за фолклор, со колегите направиле анализа како се работело претходните две години. Биле запрепастени од она што го виделе.
Тоа беше насекаде по малце, а култура ништо. Права гласачка машина и пералница. Ние тоа и го укажавме и министерката добро се замисли и не праша што мислиме. Во Македонија има преку 200 друштва, настани, фестивали во фолклорот. Тоа ни Турција не може да го издржи. Тоа е само гласачка машина.Предложивме да го финансираме само тоа што вреди, а другото да им го оставиме на општините, раскажува Гаџа.
Вели дека претходната министерка грешката ја направила кога не му се спротивставила на Толај за неправилното работење.
Јас прашав што се случи со инспекциските надзори и констатираните прекршоци, тогаш летнав од Комисијата. Прашајте ја поранешната министерка како се правдале парите и како се покривале извештаите, тврди Гаџа.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК
К.С.Б.