Габриел Бајрам, син на починатиот пратеник Амди Бајрам, не се јавил на распит во полиција за копањето биткоени во ГТЦ, но се одзвал на поканата да слави со Владата во Клубот на пратеници по првата меѓувладина конференција во Брисел.
МВР објави дека по Габриел Бајрам имало и централен распис за да се спроведе во полициска станица, но засега нема одговор дали бил пронајден пред или по прославата.
„По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица. Исто така, во претходниот период, остварени се контакти и извршени се службени раговори и со надлежните во ЕВН и Градскиот трговски центар Скопје, а се вршат службени разговори и со други лица“, велат од МВР.
Бајрам имаше магацин под кирија во ГТЦ, каде му го раскинаа договорот, но уште ги нема вратено клучевите.