Габриел Бајрам со семејството и со Агнеса Органџиева на Виенски бал: Овде сме да научиме нешто и тоа да го внесеме во нашиот Ромски бал!

by fokus

На 22-то издание на Виенски бал –Скопје, кој синоќа се одржа во хотелот Александар Палас, помеѓу присутните беше и претседателот на Сојузот на Ромите, Габриел Бајрам, заедно со семејството и нивната семејна пријателка, инфлуенсерката Агнеса Органџиева.

Тој порача дека му е чест што присуствува на еден гламурозен настан, и ги поздрави организаторите што се сетиле на него и на неговата политичка партија и го поканиле.

Пред камерата на Б1 ТВ, изјави дека е задоволство да се биде присутен на Виенски бал, бидејќи организацијата е на највисоко ниво.

-Ние го имаме традиционалниот Ромски бал, кој е останат како аманет од мојот татко Амди Бајрам. Како Роми, ние сепак треба да учиме од помоќните, секогаш се учи од најдобрите!
Затоа сме присутни, да научиме нешто, да ,,украдеме”, да го внесеме тоа кај нас, кај Ромскиот народ, па да направиме нешто поубаво, попрофесионално, затоа што нашиот бал е сепак стар 43 години, еден од најстарите Ромски балови. Поради тоа, голема е честа што сме тука – порача Бајрам.

Тој ја продолжи традицијата на неговиот татко со организација на Ромскиот бал, кој секоја година привлекува над 1.000 гости од цела Европа, и кој е популарен поради раскошните тоалети, но и големи музички ѕвезди од разни земји кои настапуваат.

Виенски бал во Скопје е под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Македонија, а во организација на Здружението за културна соработка Јохан Штраус.

Вики Клинчарова

Поврзани новости