Габриел Бајрам, лидерот на Сојузот на Ромите, и син на Амди Бајрам, кој почина во октомври 2020 година, се присети на ликот и делото на неговиот татко, по повод неговиот роденден.
Во неговото обраќање на социјалните мрежи, тој вели дека ако бил жив, Амди ќе славел 67 години од раѓањето, и бил најголемиот реформатор и лидер кој направил многу за Ромите.
Според Габриел, сите лидери кои сега биле дел од политичката сцена на некој начин сакале да бидат како Амди, но за тоа била потребна голема желба и многу напор.
-Тие што го познаваа, знаат за која личност се работи, тие што не го познаваа, ги чувствуваат неговите дела, тие што допрва ќе се родат, ќе слушнат приказни за големиот реформатор и лидер, а тие што сега се на ,,сцената”, некои јавно а некои потајно сакаат да бидат како него, сакаат да постигнат тоа што тој го постигна.
Немаше област каде што не помогна. Култура, спорт, фолклор, економија, образование, и домување. Најголем придонес дал за развојот на политиката. Бил лидер на најголемата ромска партија Сојуз на Ромите од Македонија и бил пратеник со најмногу мандати во македонското собрание.
Тој е причината што имаме Роми полицајци, тој е причината што позади шалтерите гледаме Роми, тој е причината што учениците примаат стипендии, тој е причината што се создала ромската општина Шуто Оризари, тој е причината за носење на закони во корист на ромската заедница.
Има многу да се напише, па дури и тоа е малку. Амди Бајрам остави зад себе нешто што само верник кој има храброст може да го направи. Изгради џамија во Шуто Оризари, која сега го носи неговото име, Амдипашина џамија – истакна Габриел.
Додава дека семејството Бајрам продолжува да ги следи неговите стапки, и тоа ќе го покаже на дело.
-Како негов син, се трудам да го следам неговиот пример, се трудам најнапред да бидам родител на своите деца и внуци, се трудам да бидам лидер и се трудам да постигнам тоа што тој го постигнал. Тешко е, ете признавам, сепак за работи за искуство и во прашање се години, но сепак добро е да се признае од сите лидери дека навистина е тешко да се биде Амди Бајрам.
Добро е да се трудат, во ред е да сакаат, но треба вистинска желба и напор да се биде како него. Амди Бајрам беше една слика од сите ,,самонаречени лидери” а тие ,,сите” сакаат да бидат засебно слика како него. Тоа е тешко!
Тој почина, но неговите дела никогаш. Тоа не го говорам јас како негов син, туку народот. Ромскиот народ го бара неговиот глас, го бара неговиот стас, неговата политика, неговиот дух и присуство… Ромскиот народ бара помош, бара човек како планина која ќе ги штити – порача Бајрам.
Вики Клинчарова