Секој може да згреши, еве тоа им не се случи на многу новинари од познати медиуми, кои побрзаа да објават вест, без да проверат за што се работи. На син ми Валентин за 20-от роденден му купив моторче, а не скап автомобил Порше, како што објавија. Ако тој на социјалните мрежи има фотографија покрај Порше, не значи дека тоа е подарокот, но ете, избрзале и се ,,лизнале” – за ,,Фокус” раскажува Габриел Бајрам, претседател на Сојуз на Роми, и син на починатиот пратеник Амди Бајрам.
Тој појаснува дека објавил честитка за роденденот на синот во која му пишува да не го вози роденденскиот подарок побргу од 150 километри на час, бидејќи се грижи за неговата безбедност, а многумина поради насловната фотографија на Валентин, каде тој стои до скапиот автомобил, си протолкувале дека тоа е подарокот.
-Минувам со цело семејство низ доста тежок период. Опериран сум од тумор, пред пет дена се вратив од болница, сега закрепнувам. Затоа и сакав малку да го расположам синот, со подарокот. Ни се случија доста лоши работи изминатиот период, здравјето и слогата се најважни во животот. Се надевам дека бргу ќе застанам на нозе, а на тие кои избрзаа со непроверената вест да им порачам дека не им се лутам, луѓе се, грешат, но мора да бидат и професионалци во иднина, да проверат вест пред да ја објават – вели Габриел.
По смртта на неговиот татко Амди, тој дојде на чело на Сојузот на Ромите и појаснува дека целта му е да продолжи да се бори за интеграција и подобар живот на Ромите во земјава.
-Таму каде што татко ми застана, јас продолжувам. Да ги надминам здравствените проблеми, па се враќам посветено на работата, со цел овозможување на подобар живот на Ромите – изјави Бајрам.
Вики Клинчарова