Габриел Бајрам му се заблагодари на Ковачевски и на сите гости на Ромскиот бал: Организиравме и реализиравме спектакл!

by Fokus

Претседателот на Сојузот на Ромите, Габриел Бајрам, кој ја продолжи традицијата на неговиот татко Амди, и во четвртокот во Скопје го организираше 44-то издание на Светски Ромски Бал, му се заблагодари на премиерот Димитар Ковачевски за присуството, а исто така упати благодарност и до највисокиот врв на СДСМ кој бил дел од настанот, како и до сите останати гости.

Балот се одржа во хотелот „Александар Палас“ и го привлече вниманието на јавноста со најавите за познати музички гости од регионот, како и со ветувањата дека ќе се случува голем забавен спектакл.

Во своето јавно обраќање, Бајрам истакна дека е горд што е сочувана традицијата на неговиот покоен татко Амди, и покажале дека е испратена порака за нивната култура која симболизира мир и заедништво.

-Дозволете ми да го искажам моето задоволство од 44-от Ромски традиционален Светски бал 2024 година.
И покрај се, успеавме да организираме и реализираме спектакл, за кој се надевам дека ќе биде незаборавен и за кој ќе се говори долго.

Традицијата на покојниот Амди Бајрам е сочувана и негувана и понатаму за што како негов син сум особено горд. На овогодинешниот ромски светски бал испративме порака за негување на нашата култура која симболизира мир и заедништво. Покажавме дека музиката е дел од нашиот ромски идентитет- истакна Бајрам.

Понатаму, тој се заблагодари на присутните од јавниот живот, на политичарите, и на сите гости. Инаку, помеѓу музичките гости беа Цеца Ражнатовиќ, Теа Таировиќ, Таркан, Џогани и многу други.

-Благодарам на сите музичари кои учествуваа на оваа манифестација приредувајќи одлична забава. Благодарам на членовите на партијата Сојузот на Ромите од Македонија за организираноста на овој настан. Искрено, покажавме зрелост, патем искуството си го направи своето – 44 години знаење, од идеја до реализација.

Благодарам на сите Роми и не-Роми кои дојдоа од сите страни на светот и што биле наши гости.

Благодарност до премиерот на Р. Северна Македонија, г-дин Димитар Ковачевски за неговото присуство како и за највисокиот врв од партијата СДСМ.
Благодарност до сите новинари од нашата земја како и новинарските екипи од земјите од соседството.

Се гледаме наредна година на 45-от Ромски светски Бал – порача Габриел Бајрам.

Вики Клинчарова

Поврзани новости