Габриел Бајрам ги носи Цеца и Теа Таировиќ во Скопје!

by Fokus

Габриел Бајрам, лидерот на Сојузот на Ромите, ги носи популарните турбо фолк пејачки Цеца Ражанатовиќ и Теа Таировиќ во Скопје, на 18-ти јануари. Покрај нив, на настанот во организација на СРМ, доаѓаат и многу други познати музички имиња како на пример Мухарем Сербезовски, Џефрина, Таркан, Џогани, Сара Рељиќ…
Тие ќе бидат музички гости на 44-то по ред издание на Ромскиот бал, кое ќе се одржи во хотелот Александар Палас, под покровителство на сојузот.

Кога е Ромскиот бал во прашање, манифестацијата за првпат се одржа во организација на Амди Бајрам, таткото на Габриел, кој по смртта на Амди во 2020 година, ја продолжи традицијата, со прекини поради панедмијата на корона вирус.

Се работи за настан на кој доаѓаат гости од цела Европа, средени во раскошни тоалети кои со месеци наназад се подготвувале. Се служи печено јагнешко месо, како и врвно приготвени специјалитети, се избира Мис Ромка, и во децениите наназад гостуваат популарни музички имиња од регионот.

Во минатото, со години кум на балот беше Сашо Мијалков, кој ја крунисуваше мисицата. Во 2018 година Амди му го раскина кумството, по промената на власта, и тогаш за ,,Фокус” изјави дека таква била ситуацијата, па имале нов кум кој бил угледен Ром од Европа.

Традиционално, на балот секоја година присуствуваат и многу личности од политичкиот врв. Бројот на гостите секоја година изнесува околу 1.000, а лани во мај Габриел Бајрам заедно со сопругата и со инфлуенсерката Агнеса Органџиева беше гостин на Виенски бал, од каде порача дека се присутни за да научат нешто ново, па тоа да го вметнат во нивниот, Ромски бал.

-Ние го имаме традиционалниот Ромски бал, кој е останат како аманет од мојот татко Амди Бајрам. Како Роми, ние сепак треба да учиме од помоќните, секогаш се учи од најдобрите!
Затоа сме присутни, да научиме нешто, да ,,украдеме”, да го внесеме тоа кај нас, кај Ромскиот народ, па да направиме нешто поубаво, попрофесионално, затоа што нашиот бал е сепак еден од најстарите Ромски балови. Поради тоа, голема е честа што сме тука –порача тој од Виенскиот бал минатата година.

Инаку, првиот бал во организација на Габриел се одржа во 2022 година. Тогаш му пееја Анета Љумаковска (Молика) и Слаѓа Алегро и други. Гостите се забавуваа со музиката, но имаше и по некоја солза, во знак на сеќавање на Амди.

Вики Клинчарова

Поврзани новости