Земјите од Г7 ќе преземат акција против кинеските финансиски институции кои и помогнаа на Русија да набави оружје за војната против Украина, се вели во нацртот на конечната декларација што ја виде Ројтерс.
Во нацртот, лидерите на Велика Британија, Канада, Франција, Италија, Германија, Јапонија и САД, исто така, ветија дека ќе воведат санкции против субјектите кои и помогнале на Русија да ги заобиколи нафтените санкции.
„Ентитетите, вклучително и финансиските институции, кои го олеснуваат купувањето на предмети или опрема на Русија за нејзината одбранбена индустриска база ги поддржуваат акциите што го поткопуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“, напишаа лидерите на Г7.
Тие додадоа дека „ќе го ограничат пристапот до нашите финансиски системи за целни поединци и ентитети во трети земји, вклучително и кинеските ентитети ангажирани во оваа практика“.
Во нацртот на завршната декларација, лидерите на Г7 изразија загриженост за израелската операција во градот Рафах, на југот на Појасот Газа, како и за цивилното население во енклавата, пишува „Блумберг“.
„Длабоко сме загрижени за последиците за цивилното население од тековните копнени операции во Рафах и можноста за целосна воена офанзива која би имала дополнителни страшни последици за цивилите. Ја повикуваме Владата на Израел да се воздржи од ваква офанзива“, се вели во нацртот.
Денеска е вториот ден од самитот на Г7 во италијанското летувалиште Борго Игнација, а се очекува на денешните состаноци фокусот да биде Кина, додека папата Франциск ќе учествува на состанок за вештачка интелигенција (АИ).