Министрите за одбрана на Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7) денеска упатија апел до Иран да престане да ја поддржува палестинската група Хамас, но и нејзините сојузници – Хезболах во Либан и Хутите во Јемен, кои се ангажирани на фронтовите против Израел.
Г7 апелира Иран да се воздржи од давање поддршка на Хамас, Хезболах, Хутите и другите недржавни актери, како и од преземање какви било дополнителни мерки кои би можеле да го дестабилизираат регионот и да иницираат процес на „неконтролирана“ ескалација, се наведува во заедничката изјава по состанокот во Неапол.
Министрите повикаа и на „значително и одржливо зголемување“ на хуманитарната помош за Појасот Газа.
Земјите од Г7 се обединети во нивната поддршка за потребата од итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници, значително и одржливо зголемување на протокот на хуманитарна помош низ Појасот Газа и пат кон решение со две држави, се наведува во заедничка изјава.
Министрите ја потврдија својата „непоколеблива“ поддршка за Украина, вклучително и воена поддршка.
Ја потврдуваме нашата непоколеблива поддршка за слободата, суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, сè додека е потребно. Ја нагласуваме нашата намера да продолжиме да обезбедуваме помош за Украина, вклучително и воена, на краток и долг рок, се додава во заедничката изјава.
Земји-членки на Г7 се САД, Франција, Германија, Италија, Канада, Велика Британија и Јапонија.