Црквата може и мора да биде смирувачки елемент во општеството и може да влијае врз секоја политичка ситуација без заземање страна, оти народот има доверба во неа, вели во Божикното интервју за МИА г. Петар, митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско новозеландски.
– Не само да може, туку треба. Таа е должна тоа да го прави бидејќи црквата не е надвор од народот. Народот во едно општество како што е нашето, и со некои нови анкети потврди дека дава поддршка и има доверба во црквата. Настрана од тоа како некои од нас архијерејите се однесуваат по тие прашања, правилно или неправилно, народот знае дека црквата мора и е должна правилно да се однесува, а тоа што некои од нас архијереите не се однесуваме како што треба или сме неодговорни или што ние бркаме повеќе политика отколку што си ја вршиме нашата пастирска мисионерска служба, тоа е друго прашање. Ние мора секогаш смирувачки да настапуваме. Ние сме должни да го говориме тоа што е принцип на нашата вера, а тоа се Светото писмо, Светото предание и учењето на светите отци и не смееме да отстапиме од тие принципи. Ако не отстапиме од тие принципи тогаш ние можеме секогаш да влијаеме врз секоја политичка ситуација без заземање страна – вели владиката Петар запрашан дали црквата може да биде смирувачки елемент во услови на продолжена политичка криза која кулминира со отворена нетрпеливост меѓу политичарите и луѓето.
Според него, во услови на политички недоразбирања потребно е преиспитување на постапките и соочување со грешките.
– Недоразбирањата меѓу одделни политички партии значат дека секој треба да се преиспита и направи споредба дали се постапува согласно учењето со нашата православна вера и ако ништо друго, да признаете дека правите грешки, што со други зборови значи дека ако некој направил грешки, христијански е да каже дека направил грешка, да посочи и ја поправи за да не ја повтори, а ако се оди од позиција дека се ви е дозволено и газите преку принципите на светлоста на црквата, и дека вие и само вие сте во право, а другиот е виновникот, тогаш и мало дете ќе препознае кој е во право – оценува архијерејот за преспанско-пелагониски и австриско-новозеландска епархија.
Во врска со спорот со Српската православна црква-СПЦ за кој изминатиот период имаше некои добронамерни чекори од претставници на Руската православна црква, владиката Петар без конкретен одговор, но оптимист дека овој како што вели, наметнат проблем, ќе се реши.- Нашето прашање можеше да се реши едноставно ако не се врзуваше со политичките збиднувања кои го создадоа овој проблем. Со распадот на Југославија и со прогласувањето на независност на Република Македонија како суверена држава, овој проблем прво стана проблем за Грците, а потоа и за Србите.
Инаку, Српската православна црква во еден период скоро и да беше согласна да се надмине тоа прашање, но кај нив се случи, и има едно влијание, од еден добар дел од интелигенцијата на СПЦ кои студираа во Грција, тие попримија многу од грчкото влијание во врска со македонското прашање, и почнаа да имаат поинаков однос кон нас, за разлика од постарите архијереи кои не беа оптоварени со грчкото влијание и пропаганда. Тоа што сега Србите одработуваат е одработување за Грците, што значи политичко прашање од кое се надеваат дека можеби и ќе се офајдат ако дојде до распаѓање на нашата држава. Мислам дека тие нешта веќе се надминати и дека недоразбирањата ќе се решат. Инаку, Руската православна црква кон нас има симпатии и тоа е вистината – истакнува во Божикното интервју за МИА владиката Петар, митрополит преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски.