Според Либералната партија, со неисполнетите обврски од пржинскиот процес, демократски и фер избори на 5 јуни се невозможни, а тековната „техничка“ влада е неодржлива. Но, низ призмата на очигледното продлабочување на политичката криза, денес веќе е прашање и дали со аболицијата, Ѓорге Иванов станува соучесник во смртта на Коста Крпач?
Според Либералната партија, од минатиот четврток, јасно е дека со аболицијата, Иванов го попречува надминувањето на политичката криза, а ја попречува и правдата. Ставајќи го на листата на аболицирани, иако не е осомничен, Иванов сигнализирал на македонското подземје дека Крпач е барем сведок. Затоа, Либералната партија бара Иванов да одговори зошто Коста Крпач, против кого немало никаква постапка, е ставен на листата на аболицирани.
Според Либералната партија, овој случај и однесувањето на Иванов има за цел попречување на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и (ин)директно обесхрабрување на потенцијалните сведоци.
Со настаните поврзани со смртта на Крпач се поништени и последните шанси за одржување избори на 5 јуни, а криминализацијата во врвот на државата станува се повидлива.
За целата оваа состојба и неможноста да се реши кризата, одговорноста ја носат Груевски и Иванов, како и нивните соработници во тековната „техничка“ влада. Оценуваме и дека изминуваат последните часови во кои Ахмети може енергично да се дистанцира од целата таа група, а прв чекор за тоа е да го откаже учеството на неговата партија на изборите на 5 јуни.