Министрите за надворешни работи од Г-7 денеска уште еднаш ја истакнаа својата посветеност за силна поддршка на Украина, а истовремено „ги интензивираат, целосно ги координираат и спроведуваат санкциите против Русија“.
На состанокот во Јапонија, министрите на Г-7 нагласија дека Русија мора веднаш и безусловно да ги повлече сите сили и опрема од Украина, се вели во соопштението објавено од јапонското Министерство за надворешни работи.
Јапонскиот министер за надворешни работи Хајаши Јошимаса на состанокот фокусиран на руската војна во Украина рече дека е важно да се одржи единството во спроведувањето на санкциите против Русија.
По најавата на рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, министрите на Г-7 во понеделникот го осудија потегот, потврдувајќи дека „неодговорната нуклеарна реторика на Русија е неприфатлива“, се вели во соопштението.
Русија некогаш беше дел од тогашниот Г-8, но беше протерана откако го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година.