ФЗО во длабока кома, хакирана директорската совест!

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Дваесет и осумгодишната Маја, мајка на тримесечно бебе е самохрана мајка, на која животот досега и задал многу удари. Таа уште во текот на беменоста останала без својот сопруг, кој ненадејно починал од срцев удар. Таа е оставена сама на себе, во стан под кирија и единствените пари, кои ги добива се од касата на Фондот за здравство, поточно девет месеци породилно боледување.

Нека дојде некој на моето тримесечно бебе да му објасни дека поради хакираниот систем на Фондот нема млеко да пие, нема памперси, нема основни услови за хигиена“ револтирано објаснува самохраната мајка.

Ова е само една од тажните приказни на многуте засегнати од хакираниот систем и лошата фондовска политика. Не е мал нивниот број, што би значело цело јавно здравство, родилки, болни на боледување…Социјалните мрежи вријат од јутра до сутра. Здравствените работници ќе излезат на протест. И со право. Нема утре менаџментот на Фондот од нивни џеб да извади пари и да им даде млеко на бебињата или пари на болните од карцином, чиј живот и така е ставен на коцка.

Веќе втора недела по ред, Фондот за здравствено осигурување е колабиран, а тоа на површина ги извади сите недостатоци за тоа колку и како се заштитени личните податоци на граѓаните, а тоа што е уште пострашно што удри по џебот на сите осигуреници кои од таму добиваат плати, боледувања, породилно, рефундации на лекови. Со еден збор се е закочено.

Голем проблем преставуваат и лековите кои се земаат на рецепт од аптеките. Тие сега го користат моментот, па на луѓето им ги наплаќаат лековите на приватно, тврдејќи дека нема каде да проверат дали се осигурени. Само изговори. Луѓето плачат, значи плачат од мака, од гнев.

Сепак, ФЗО е институција која располага со преку 600 милиони евра буџетски пари, што не е за потценување. Пари на граѓаните, кои се оставени без пари. Кој ќе им надокнади за стресот, за гладните усти на бебињата, за сите болни, кои освен болеста што им тежнее на грб, сега нема со што да си ги купат неопходните лекови. Тука се и болните од карцином, болест за која сите сме свесни каква е и колку животи однесе. Некои од нив зависат само од тие пари.

За првпат во историјата се случува напад на системот на ФЗО кој блокира се, ама не се виновни само хакерите, туку тука се и фирмите кои го одржувале системот. Кој знае колку го одржувале? Меѓутоа, Бирото за јавни набавки покажува прилично големи суми, за само една година 1,3 милиони евра. А, ниту претходната, ниту сегашната компанија не се потресле да ги заштитат податоците. И, кој сега ќе одговара за овој пропуст, кој уништи се!

И не само што нема никакво решение на повидок, уште поголема е нетранспарентноста која доаѓа од таму.

Многу лесно е да се пушти соопштение, како за се што се прави во државата и да се покаже дека се „идеално“ функционира. Но, ни ние, а ни народот не е глуп, за да не може да сфати дека работата е многу поголема, а и пострашна. Тука е и дата базата со сите лични податоци на граѓаните.

Актуелната директорка на ФЗО, Магдалена Филиповска- Грашковска, која на директорката фотелја седи речиси една година не ги удостои граѓаните ниту да и го видат ликот, да излезе уште првиот ден и на прес-конференција да им соопшти што се случува. Пред неколку дена, од премиерот Димитар Ковачевски се дозна дека ИТ системот на Фондот за здравство е хакиран со помош на вирусот „ransomware“, а хакерите бараат откуп за да го ослободат.  Тоа, нормално за нас е шпанско село.

На фондовските фотелји досега седнале многу директори, некои од нив завршуваа со лисици на рацете, други со обвиненија, но сепак сите и кога требаше да го лажат и да манипулираат народот излегуваа во јавноста. Барем, можеше да им се види суратот.

За првпат се случува директорка на ваква институција да не се појави, а надвор да ја чуваат бодигарди од новинарите, кои не можат да дојдат до неа да постават прашања кои ја засегаат целата држава. Бог знае, кој така ја советува, ама и прави лоша услуга. Ќе остане запаметена како една од најнетранспарентните директорки и тоа во ситуација кога многу луѓе зависат од фондовската каса. За многу кратко време си ја оцрни кариерата и тоа само затоа што се крие како во глувчешка дупка.

Новинарските прашања не се страшни, страшно е тоа што им го правите на луѓето. Но, како и многупати досега е докажано дека човечкиот живот е најмалку вреден во оваа држава. Тоа го почуствуваа на свој грб бројни семејства, кои останаа и без своите деца, мајки, татковци…

Нема што друго да се каже, освен Господ нека ни е напомош!

 

 

Поврзани новости