Функционерите од утре со повисоки плати за околу 1.000 евра

by fokus

Државните функционери во првите денови од мај ќе земаат повисоки плати и до 70 илјади денари.

Платите за месец април на претседателот на Уставниот суд и на потпретседателите на Собранието ќе се зголемат за плус 60 илјади денари, а на министрите и пратениците за околу 56 илјади денари.

Функционерите се наградени со повисоки плати за 78% или за околу 1.000 евра. Сето ова доаѓа по одлуката на Уставниот суд кој на 21 март го укина замрзнувањето на член од Законот за плати каде што коефициентот се пресметува во зависност од позицијата, но за основна плата се зема онаа од минатата година на истите државни функции. Самиот претседател Пендаровски ја објави пресметката на неговата плата. Досега земал 92 илјади, а од утре-задутре на сметка ќе му легнуваат по 165 илјади, односно од 1.500 евра на над 2.500 евра.

Според пресметката направена од „Радио Слободна Европа“, а ја пренесува „Алсат“, со коефициент 4,5 помножен со минатогодишната бруто-плата која изнесуваше 47 илјади денари, претседателот Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски ќе добијат зголемување на платата од 50 евра повеќе за секој работен ден. Премиерот Ковачевски ќе зема плата од 156.482 денари, а претседателот на Собранието Џафери, највисока од сите, 166.207 денари.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе има плата од 153.037 денари, речиси иста како и на премиерот, со што ќе се додадат дополнителни 20 отсто за извршување на функцијата. Секоја наредна функција има нешто помал коефициент, но новите плати ќе изнесуваат над 2.000 до 2.500 евра. Вицепремиерите Грковска, Битиќи, Груби, Маричиќ и министерката за одбрана Петровска во џебовите ќе си ставаат по 35-40 евра повеќе за секој работен ден.

 

Поврзани новости