Функционерите ќе добијат покачување додека народот ги моли за повисок минималец

by irena 14:05
14:05

Минималната плата за работниците нема да се покачи од 397 на 600 евра. Работниците ќе добијат само законско усогласување од 1.700 до 2.000 денари, почнувајќи од мартовската плата. Еден месец претходно, претседателот, премиерот, министрите, градоначалниците и судиите ќе почнат да земаат значително зголемени плати, пресметани според растот на просечната плата, помножени со коефициенти и зголемени со додаток за минат труд – бенефиција што најголемиот дел од работниците не ја уживаат.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

„Владата не е против зголемување на минималната плата и нејзината заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван“. Ова е заклучокот на премиерот Христијан Мицкоски изнесен кон крајот на декември по завршувањето на седницата на Економско-социјалниот совет на кој работодавачите и синдикатите не се договорија да се зголеми минималната плата на 600 евра.

Од владата цврсто се убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности.

Сакам јасно да нагласам, владата не е против зголемување на минималната плата. Нашата заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но, исто така, сме цврсто убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности. И тој раст мора да биде согласно потенцијалите и капацитетите на економијата. Јас не сум за наметнати решенија. Следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард“, нагласи Мицкоски.

Според него, одржливо зголемување на платите не се постигнува со административни одлуки донесени преку ноќ, туку со силна и продуктивна економија.

За една година, Мицкоски вели дека, според податоците на Евростат, е зголемена куповната моќ на минималната плата во земјава.

Македонија е единствената земја во која споредено со првата половина од 2025, со првата половина од 2024, кај куповната моќ на минималната плата има зголемување. Кај сите други земји има, или стагнација, или намалување. Ќе се појават коментатори на социјалните мрежи што ќе го исмејуваат ова што ќе го кажам, но тоа се факти што ги објавува Евростат“, рече Мицкоски.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, во интервју за „Фокус“ искоментира дали држи вода оправдувањето на работодавците и на владата дека фирмите и економијата не можат да го издржат евентуалното покачување на 600 евра.

Кога сакате нешто да направите, наоѓате начин. Кога не сакате, наоѓате изговори. Ова е само уште еден во низата бројни изговори на владата. Прво беше – нека се договорат синдикатите и газдите, потоа беше потрошувачката кошничка не била добра, па потоа викаа синдикатот не бил репрезентативен, па сега викаат цените не биле високи и фирмите нема да издржат. Во Македонија, профитите на фирмите, како процент од националниот доход, се меѓу највисоките во Европа, а платите се меѓу најниските.

Профитите во Македонија се околу 55 отсто, а платите околу 45 отсто. Во Европската Унија е обратно. Така што, апсолутно има простор за покачување на платите. Дури и да има фирми што не можат да го издржат покачувањето, можете да воведете посебни мерки за поддршка на тие фирми. Така се направи во 2017 година, кога минималната плата се покачи за 25 отсто. И тогаш бизнисмените ја вртеа истата приказна – нема да може да издржиме, ќе мора да затвориме и не знам што сѐ. Па, на крај никој не остана без работа и никој не затвори, а богами и поддршка побараа само за неколку илјади работници, од вкупно 120.000 што беа засегнати.

Прашањето за минималната плата е прашање на чија страна сте – дали сте на страната на работниците и сиромашните, или сте на страната на бизнисмените и богатите. И со тоа што владата упорно одбива да ја покачи минималната плата, само покажува дека е на страната на вториве“, рече Јовановиќ за „Фокус“.

Оптимизмот на премиерот за минималната плата не го дели првиот човек на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, кој објави дека 11.384 работници од Македонија добиле работни дозволи за работа во Хрватска додека тука владата и работодавачите негодуваат околу покачувањето на минималната плата, која, пак, од јануари 2026 е покачена насекаде во регионот.

Политиката на ниски плати е многу погрешна, но ако не излезете со нас на протестите, тие мислат дека ја поддржувате! 11.384 работници од Македонија во 2025 година добиле работни дозволи за работа во Хрватска, уште колку заминале во Црна Гора, Словенија, Германија итн., а македонските газди замениле само 8.500 од нив со работници од Бангладеш, Непал и Индија (за кој се сомневам дека останале во Македонија).

Газдите кукаат дека немаат квалификувани работници, владата смета дека не треба да се зголемуваат платите, а работниците си заминуваат од Македонија, па легитимно е прашањето на кого му одговара македонските квалификувани работници да заминат од Македонија?“, стои во објавата на Фејсбук.

РАСТ НА ФУНКЦИОНЕРСКАТА ПЛАТА

Паралелно со непокачувањето на работничкиот минималец, кој ќе остане закован на 397 евра барем до април годинава, оди и покачувањето на функционерските плати, затоа што тоа не зависи од волјата на Економско-социјалниот совет, туку од порастот на бруто просечната плата на државно ниво за претходната година.

Премиерот Христијан Мицкоски, на крајот на октомври 2024 година изјави дека функционерските плати нема да се зголемат, најавувајќи корекција на коефициентите на платите. Рече и дека тоа е сигурно како што е сигурно дека еден ден сите ќе заминеме на оној свет.

За волја на вистината, два месеца подоцна, пратениците доставија измени на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица, со кои се бараше намалување на коефициентите за пресметка на платите. Но, тоа не значеше дека функционерите нема да добијат повисоки плати поради сложеноста на начинот на пресметка на платите.

Се изменуваат коефициентите за пресметка на плата, на начин што ќе обезбеди правична и одржлива законска регулатива при исплата на платите и ќе се спречи натамошниот непропорционален раст на нивните плати.

Ќе се постигне поголема транспарентност, правична распределба на буџетските средства, при што платите на функционерите ќе се усогласат со реалните економски услови во државата“, стоеше во законот.

Највисок коефициент се пресметува за претседателот на државата, претседателот на Владата и претседателот на Собранието и тие ќе имаат намален коефициент за пресметка на плата од 3,92 на 3,17.

Вториот коефициент по големина од 3,48 на 3,08 е за пресметка на платата на претседателот на Уставниот суд.

Третиот по ред коефициент се користи за пресметка на платата на член на владата, претседател на работно тело на Собранието, гувернер на Народна банка, јавен правобранител на Македонија, народен правобранител, секретар на Собранието и секретар на Владата. Овие функционери ќе имаат намален коефициент од 3,22 на 2,85.

Коефициентот за утврдување плата на заменик-министер, директор на републичка организација, раководител на Кабинетот на претседателот на државата, советник на претседателот, секретар на Кабинетот на претседателот, републички советник во Собранието, заменик на гувернерот на Народната банка, заменик на секретарот на Собранието, заменик на јавниот правобранител, заменик на народниот правобранител, ќе изнесува 2,62.

Најмалиот коефициент е за пресметка на платите на раководен работник, кој го именува Собранието или кој го назначува надлежното тело на Собранието, на судија на апелационен суд и заменик на вишиот јавен обвинител претседател на основен суд и основен јавен обвинител. Овој коефициент со законските измени треба да изнесува 2,47.

Измените се изгласаа по брза постапка во Собранието и функционерите добија различни плати, а новите коефициенти почнаа да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година. Платата на премиерот Мицкоски до јануари изнесуваше 140.450 денари, а, според новите измени, беше околу 147 илјади денари. Се покачија платите и на претседателот на државата, првиот човек на Собранието, како и на владините министри и градоначалниците, со што се зголеми уште повеќе револтот кај работниците и нивните синдикати.

КОЛКУ ЌЕ ЗАРАБОТУВААТ ВОДЕЧКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ?

Функционерските плати се покачија поради најбитниот фактор што се користи при пресметката на нивните плати – просечната бруто-плата за изминатата година, која во последните три години е во значителен пораст. Дополнително, платата на функционерите расте и по основ на разни други бенефиции како минат труд.

Просечната плата расте, па нејзиниот просек во бруто-износ во 2024 за месеците јануари-ноември, според податоците на Државниот завод за статистика, изнесува 61.662 денари. Во текот на 2024 година, пак, за исплата на функционерските плати се пресметуваше износот на просечната бруто-плата од 2023, која изнесувала 54.916 денари.

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во октомври 2025 година изнесува 69.089 денари, е последната објава на Државниот завод за статистика.

Во октомври 2025 година, во однос на октомври 2024 година, просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен е повисока за 9,0 отсто, а најверојатно овој процент ќе биде повисок откако ќе се објават податоците за ноември и декември.

Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита за 13,5 отсто, Административни и помошни услужни дејности за 13,3 отсто и Дејности во врска со недвижен имот за 10,9 отсто.

„Фокус“ се обиде да направи груба пресметка на зголемувањето на платите на државните функционери според последниот просек од октомври на бруто-платата, која изнесувала 69 илјади денари.

Платата на премиерот Христијан Мицкоски сега изнесува околу 147.000 денари, а со исплата за месец февруари 2026 би била повисока.

Коефициентот за премиерот ќе биде 3,17 и тој се множи со просечната бруто плата од 69.000 денари. Така, се добива сума од 218.730 денари на која се додаваат и 23 години работен стаж на премиерот, односно за секоја година минат труд платата расте за 0,5 проценти. Тие дополнителни 11,5 проценти ја покачуваат бруто платата за 25.000 денари.

Основната бруто-плата на Мицкоски би била околу 244.000 денари. Овој износ се намалува за 32,33 проценти, колку што секој вработен издвојува за плаќање социјални и пензиски придонеси, односно за околу 79.000 денари. По сево ова, нето-платата на премиерот ќе биде околу 165.000 денари.

Ова е груба пресметка затоа што основицата на бруто-платата е земена според просекот од 10 месеци за 2024 година, а првата изменета плата функционерите ќе ја добијат на почетокот во март, кога во просекот ќе влезе и месец декември 2024 година. Тоа значи дека можно е платите на функционерите да бидат за нијанса повисоки од сегашните пресметки.

Слични примања би имал и претседателот на Собранието, Африм Гаши. И неговата плата се пресметува со множење на коефициентот 3,17 со просечната бруто плата од 69.000 денари. На сумата од 218.730 денари би се додале и неговите 29 години стаж (според биографијата од сајтот на Собранието), односно 14,5 проценти, со што се добива сума од 245.500 денари. Од оваа сума, ако се одземат 32,33 отсто придонеси, ќе се добие нето-плата од околу 169.500 денари.

И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова има ист коефициент од 3,17. На сумата од 218.730 денари се додаваат и нејзините околу триесет и пет години стаж или 17,5 проценти, со што се добива сума од 257 илјади денари бруто. Кога од оваа сума ќе се одземат придонесите, се добива нејзината нова нето-плата, која според овие пресметки, во 2026 година од февруари би изнесувала околу 174 илјади денари.

ПЛАТИ НА МИНИСТРИ И ГРАДОНАЧАЛНИЦИ

Со намалениот коефициент, но со зголемената просечна-плата, владините министри што досега земале основна нето-плата од околу 118.000 денари, со новата пресметка ќе добиваато околу 133.000 денари. Исклучок е првиот човек на МВР, Панче Тошковски, чии примања се повисоки за 20 проценти.

На министерот за внатрешни работи му се утврдува зголемување за 20 отсто на платата утврдена за извршување на функцијата. Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година“, пишува на владината веб-страница.

За Тошковски, основица за пресметка е коефициентот 2,85, кој се множи со просечната бруто-плата за јануари-октомври 2025 од 69.000 денари, со што се добива сума од 196.650 денари.

Ако на тоа се додадат и 9,5 проценти минат труд за 19 години работен стаж на министерот (според биографијата на владата, тој работи од 2006 година) и се одземат придонесите од 32,33 проценти, ќе се добие нето-плата од околу 145.700 денари. Со зголемувањето од 20 проценти за вршење на функцијата прв човек на МВР, Тошковски би имал плата од речиси 175.000 денари.

Воедно, со законските измени се утврди „намалување“ и на платите на градоначалниците, односно планирано е да се намалат и нивните коефициенти.

За градоначалник на општина со над 50.000 жители, коефициентот е 2,62“, стои во законското решение, каде што, исто така, е посочено дека коефициентот за утврдување на платата на градоначалникот на Град Скопје изнесува 2,85.

Лани, скопската градоначалничка Данела Арсовска земаше околу 118.000 денари нето-плата без додатоци. Од март годинава, новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски ќе добива плата од најмалку 133.000 денари без додатоци за минат труд.

УСТАВНИОТ СУД ГО НАВЛЕЧЕ ГНЕВОТ

Инаку, платите на функционерите влегоа во фокусот на партиските препукувања во март 2023 година, кога Уставниот суд донесе одлука, со која се укинуваат два члена од Законот за плата на функционерите.

Одлуката беше донесена на 21 март и со неа се укинаа 2 члена од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со кои дотогаш се одредувал фиксен износ на плата од 26.000 денари, кој потоа служел како основа за определување на платите на функционерите согласно коефициентите за работното место по кои се множат и со одлуката како нова основица се зема сумата на просечната бруто-плата исплатена минатата година според ДЗС. За потсетување, тогаш платите се зголемија за дури 78 проценти.

Во пресрет на парламентарните избори, претходната влада ги намали коефициентите на платите во март 2024 за 12,8 проценти на 157 функционери што таа ги именува.

Сепак, и покрај ова намалување на коефициентите за пресметка на плата, функционерите имаа причини за задоволство. Нивните плати не се намалија или благо се зголемија затоа што просечната бруто плата се покачи за 15 отсто.

Функционерските плати постојано растат и покрај системската регулација на платите со неколку законски измени. Со ниту една од „интервенциите“ за намалување на платите не не беа опфатени директорските места на институции, како АЕК, М-Нав, Агенција за државни патишта, ЕСМ, МЕПСО, ПИОМ и редица други, во кои директорите земаат плати помеѓу 3.000 и 6.000 евра.

КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ПОВИСОКИ ПЛАТИ ВО 2026

Додека синдикатите бараат и најавуваат протести, платите во регионот се зголемија. Во Македонија, висината на минималната плата изнесува 397 евра и според најавите на Владата истата нема да се менува до март 2026 година кога планираат само законско усогласување кое нема да биде поголемо од 1700 до 2000 денари.

Порамнувањето треба да се случи кон крајот на март, 31 март 2026 година. Меѓутоа ние сме секако отворени, транспарентни како Влада и Министерство за економија и труд, да ги послушаме и синдикатите и работодавачите. Доколку важи она што е предложено пред синдикатите и работодавачите, доколку се договорат за промена на постојната формула, за повисока плата, ние како Влада тоа ќе го испочитуваме. Се додека не се договорат ние имаме Закон кој мора да го почитуваме и според тој Закон според пресметките зголемувањето на минималната плата треба да изнесува од 1.700 до 2.000 денари“, рече неодамна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази. Во првата фаза од јануари 2026 година ќе изнесува 425 евра, а од јули 2026 година ќе изнесува 500 евра.

Во Албанија, од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе изнесува 500 евра. Минималната плата ќе се зголеми за 307.850 вработени, кои ќе го добијат износот од 500 евра. Владата ќе ги субвенционира и дополнителните трошоци за осигурување за вработените во приватниот сектор со 90 милиони евра за период од 9 месеци, тоа што лани на првомајскиот протест го бараше и Сојузот на синдикати на Македонија.

Владата на Србија со одлука ја зголеми минималната плата на 500 евра од октомври 2025, односно на 550 евра од јануари 2026.

Економско социјалниот совет на Република Српска (БиХ), се согласи од јануари 2026 година минималната плата да изнесува: за неквалификуваните работници 512 евра, за квалификуваните работници 538 евра, за работниците со ССС 564 евра, за работниците со виша струшна спрема 692 евра, а за работниците со високо образование 743 евра.

Во БИХ, минималната плата за 2025 беше 511 евра, додека во Црна Гора варира од 600 до 800 во зависност од образованието и стручната подготовка на работникот.

Затоа функционерските плати не се намалија, функционерите ги задржаа своите 78, а сега веќе 79 отсто зголемени плати. Народните избраници со плата од над 2.000 евра ќе убедуваат дека работниците со 397 евра минимална плата добро живеат, ќе се фалат како ќе нема зголемување на работничките плати, како нема предвидено повеќе пари за раст на минималната плата од она што го предвидува законот, а тие истите се тие кои можат да менуваат закони!“, објавија неодамна од ССМ.

Текстот е објавен на 15 јануари 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.580

 

Слични вести