Функционери во МВР му скршиле вилица и нос, a пресуда нема веќе две години

by fokus

Јонче Столески, осуденик, но и жртва на полициска тортура и насилство две години чека праведно судење на кое, како што вели, ќе ја каже вистината за настанот кој се случил пред шест години кога бил приведен и малтеретиран и во полициската станица во Гостивар.

Основното јавно обвинителство во Гостивар уште во 2014-та покренало обвинителен акт против четворица припадници на МВР за тортура во акцијата во која беа приведени шестмина, а потоа и осудени на високи затворски казни за трговија со луѓе. Како одговорни за сурово постапување преку искористување на прекумерна физичка сила, во обвинителениот акт се посочени двајца од Скопје, Срѓан Г. и Орце Ц. кои се водат како прво и второобвинет, а потоа следуваат полицајци од Гостивар, Звонко М. и Митре Т.

Имено, при акцијата во 2010-та година во реонот на Маврови Анови, Срѓан и Орце со метална шипка му нанеле телесни повреди на Јанче Столески, еден од осомничените, а потоа и осуден на осум години и шест месеци. Потоа, другите двајца полицајци дозволиле да продолжи мачењето во просториите на полициската станица во Гостивар. Таму, според документацијата, го задржале 24 часа, но постојано го тепале. Според наодите на судска медицина Столески имал скршена вилица, скрешен нос и неколку заби.

Она што е дополнително интересно е зошто и по две години од покренување на актот, во 2014-та година не е започнат судскиот процес. Последното судење беше минатата недела, но повторно беше презакажан нов датум за почеток на процесот за тортура извршена од полициски службеници. Судот постојано има причина да го одложи, но оштетениот Столески смета дека полицајците го користат влијанието и позицијата и тие ги наметнуваат причините за одложување врз судот.

Судот практично не дозволува Столески да ја открие целата вистина за настанот- како се однесувала полицијата при акцијата и што му се случува во затворот Идризово. Тој, според информации на „Фокус“ сака да открие дека и натаму има притисоци и закани за да ја смени изјавата и да се откаже од процесот. За тоа, тој неколку пати пријавувал во Внатрешната контрола на МВР, но не добил никаква заштита, ниту одговор дали се постапува. Дури се споменуваат и пари кои му се нуделе на Столески преку посредници и му се ветувало намалување на казната само да се откаже од намерата полицајците да бидат осудени.

Но, тој како оштетен при налетот на полицајците колку и да биде принуден да се откаже, сепак Јавното обвинителство не смее да го затвори случајот и мора да го истера докрај затоа што делото е сериозно, а обвинетите се високи полициски функционери, кои може и понатаму учествуваат во акции со приведувања.

Љубиша Арсиќ

 

 

 

Поврзани новости