Изјавувам и се колнам дека во вршење на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на Република Северна Македонија, законите и меѓународните договори ратификувана согласно Уставот, дека функцијата ќе ја вршам совесно, непристрасно и одговорно и дека ќе ги заштитувам слободите и правата на човекот и граѓанинот и интересите на другите правни субјекти, се заколна Барлет Џафери, синот на собранискиот спикер Талат Џафери.
За него Антикорупциската комисија утврди дека полагал правосуден испит пред да дипломиран, но сепак беше избран за јавен обвинител во Гостивар.
Ваква свечена заклетва пред Советот на јавни обвинители даде и Албулена Абази, новата обвинителка во Кичево и сопруга на Ислам Абази, новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Денеска пред Советот за јавни обвинители дадоа 18 обвинители.
Претседателот на Советот Антонио Јолески по потпишувањето на Изјавите, кои се одвиваа во две групи, им посака успех во работата и им порача да ја оправдаат функцијата јавен обвинител. Додаде дека со нивната работа очекува да се подобри перцепцијата за правосудството во државата.
Обвинителите ќе бидат распоредени во 12 градови и тоа во ОЈО Битола – Борче Коруновски и Марија Чурлиновска, ОЈО Велес – Александра Станковска, ОЈО Гостивар – Илир Јакупи, Барлет Џафери и Александра Димоска, ОЈО Дебар – Анита Граждани Пачуку, ОЈО Делчево – Сузана Бошнаковска, ОЈО Кичево – Албулена Абази и Емрах Михтароски, ОЈО Куманово – Самир Акифи, ОЈО Охрид – Кристина Илиеска Атанасова, ОЈО Прилеп – Стевчо Биновски, ОЈО Свети Николе – Дарко Цветановски, ОЈО Струга – Ермира Муса-Нура, ОЈО Тетово – Илир Абдурахмани, Нина Димитриеска и Јетмир Беџети.