Фуере: Ирците преку референдум се откажаа од Северна Ирска, тоа беше победа за мир и просперитетна иднина

by fokus

Поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерва Фуере, и препорачува на Владата да спроведе голема информативна кампања во пресрет на референдумот, во која ќе се вклучат невладините организации, академската заедница, медиумите и сите засегнати страни во општеството. Само на тој начин, вели тој, може да се неутрализира можната закана од бојкот од страна на опозицијата.

Фуере вели дека предизвикот ќе биде да се прекине традицијата, луѓето да гласаат исклучиво по партиска или по етничка линија и да се охрабрат да гласаат за основаноста на договорот и за тоа што тој значи за иднината на Македонија

Ситуацијата во Македонија ја споредува со референдумот спроведе во Ирска во 1998 година каде мнозинството од граѓаните гласаа за договор со кој се откажуваат од Северна Ирска, со што дојде до промена и на ирскиот Устав.

„Граѓаните на цела Ирска имаа можност да гласаат на референдум што се одржа истовремено во северниот, и во јужниот дел, во мај 1998 година, за исходот на преговорите и за договорот. Копија од договорот им беше доставена на сите домаќинства, со молба да излезат и да го остварат своето демократско право на глас. Ова беше пропратено со голема информативна кампања низ Ирска. Од 56 отсто од гласачите што излегоа да гласаат на референдумот во Ирска, 94 отсто гласаа за договорот, додека во Северна Ирска на гласање излегоа 81 процент од гласачите, од кои 71 отсто гласаа „за“. Тоа беше победа за мир и просперитетна иднина“, вели Фуере во колумна објавена на „Призма“.

Фуере додава дека и покрај многуте недостатоци што ги содржи договорот за „името“ што го постигнаа Македонија и Грција, тој, сепак, дава надеж дека многу билатерални спорови што продолжуваат да го мачат целиот регион, можат да бидат решени со дијалог и со политичка волја.

„Како и во случајот на Северна Ирска, потпишувањето е најлесниот дел. Најголемиот предизвик за Македонија ќе биде да покаже дека договорот ја отвора вратата за помирување со Грција врз основа на еднаквост и дека тој овозможува почнување преговори за пристап во ЕУ и во НАТО. Владата сѐ уште не ја убедила јавноста дека тоа е така. Користењето на социјалните медиуми нема да биде доволно“, порачува тој.

 

Поврзани новости