Фудуриќ не знае дека го гонат во Македонија, но обвинет е за друго дело во Хрватска

Ниту јас ниту мојата компанија не сме предмет на кривично гонење или истрага, вели за Фокус Денис Фудуриќ, доминантен сопственик на компанијата која доби милион евра од македонската Влада за студија за „Пошта“, за што Мухамед Зекири веќе е во притвор.

by Фокус

„Ниту јас лично, ниту мојата компанија не сме предмет на кривично гонење или истрага, против мене не е најавено гонење, па бидејќи не знам за што точно се работи, не можам ни да коментирам…“.

Ова за Фокус го изјави хрватскиот бизнисмен и брокер Денис Фудуруќ, чија компанија доби милион евра од македонската Влада за изработка на физибилити-студија за трансформација на „Македонска пошта“, поради што во притвор заврши поранешниот владин генерален секретар Мухамед Зеќири, а осомничени се и двајца хрватски државјани.

Станува збор за компанијата „Интерхолдинг“, каде, според податоците од Централниот регистар, малцински содружник е управителот Данијел Иванагиќ, додека доминантен сопственик е хрватската компанија „Интерфинанце“, чиј единствен сопственик, пак, е Фудуруќ.

Според хрватскиот трговски регистар, оваа консултантска компанија е основана во далечната 2002 година, но текот на следните години кон друштвото се припојуваат 3 компании, а една од нив носи ист назив како и македонската компанија – „Интерхолдинг“.

ОДЗЕМЕНА ЛИЦЕНЦА

Сите 3 компании се поврзани со Фудуриќ, меѓутоа неговата се уште активна „Интерфинанце“, присутна и во земјава преку „Инхтерхолдинг“, најмногу ја брануваше јавноста, бидејќи доби милионски судски спор против државата.

Во далечната 2007 година, хрватската Агенција за надзор врз финансиските услуги, и ја одзела лиценцата за работа на „Интерфинанце“, поради сомневање дека манипулирала со цените во случај на тргување со акции во „Хидроелектрана нискоградба“.

Поради тоа што компанијата била долго време блокирана врз основа на ваквата одлука, покренала судски процес пред стопанскиот суд во Загреб, кој во 2020 година одлучил дека постапката на агенцијата за одземање на лиценцата на „Интерфинанце“ е незаконска.

Сепак, жупаниското правобранителство поднело жалба, па судскиот процес се уште трае. Но, додека се чека правосилна пресуда за овој случај, против Фудуриќ и уште неколку лица беше поднесена кривична пријава за друг случај…

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

Своевремено, Фудуриќ бил поврзан со скоро 20 други фирми. Една од нив е „Хотели Задар“, која се издвојува бидејќи задарската полиција во 2019 година поднесе кривична пријава против 3 лица, бидејќи како дел од структурите на „Хотели Задар“ го оштетиле акционерско друштво за речиси 15 милиони куни.

Притоа, меѓу осомничените беше Фудуриќ како член на Управниот одбор на друштвото, заедно со поранешниот директор Иван Девиќ, како и мнозинскиот сопственик Милан Милетиќ, кои се товарат дека извршиле докапитализација со издавање на 80 илјади нови акции по цена од 10 куни по акција, иако акциите се тргувале за околу 200 куни.

Во однос на тоа, од обвинителството во Задар добивме известување дека обвинението за Милетиќ се однесува за злоупотреба на службена положба, додека Фудуриќ се гони за помагање при извршување на кривично дело.

„Надлежниот суд во Задар го прифатил обвинението, па се очекува да се закаже рочиште“, не известија од хрватското обвинителство.

Влатко Стојановски

Поврзани новости