Граѓани од повеќе градови низ Македонија деновиве интензивно се организираат за да присуствуваат на фудбалскиот натпревар во македонскиот куп меѓу тетовска Шкендија и битолски Пелистер, што треба да се оддржи утре во Струмица со почеток во 17 часот.
Според неофицијални информации, дел од нив се подготвуваат да им се придружат на битолските навивачи на Пелистер во вербална, но и физичка пресметка со навивачите на тетовскиот фудбалски клуб Шкендија, што, доколку се случи, ќе предизвика насилни инциденти од меѓуетничка природа.
Нашите сознанија говорат дека некои од нив планираат да присуствуваат на трибините и за време на натпреварот да презентираат транспаренти со навредлива содржина кон Албанците, па дури и да запалат албанско знаме, додека други треба да бидат во близина на стадионот за да се вклучат во евентуална пресметка со албанските навивачи – Балисти.
Фокус дознава дека овој фудбалски натпревар мобилизирал и некои од лицата од македонските патриотски организации кои упаднаа во македонскиот парламент на 27 април, кога беа нападнати и повредени пратеници од новото парламентарно мнозинство, кои, исто така, утре ќе упатат кон Струмица.
Со оглед на тоа, се обративме и до Министерството за внатрешни работи, со прашање какви и колкави ресурси ќе ангажираат при обезбедување на натпреварот, меѓутоа од таму досега не добивме никаков одговор.
Од Фудбалската федерација на Македонија, која е организатор на натпреварот, пак, велат дека овој натпревар е прогласен за натпревар со висок ризик, поради што, објаснуваат од таму, се преземаат соодветни мерки согласно ваквата проценка.
-Комисијата за безбедност во рамки на ФФМ делува заеднички со МВР во вакви натпревари, на кои се преземаат посебни мерки, од тоа колку навивачи ќе присуствуваат, на каков начин ќе бидат спроведени, како ќе се изврши претрес итн – ни изјавија од ФФМ, додавајќи дека предвидено е да присуствуваат по 300 навивачи на двата фудбалски клуба.
В.С.