Фросина, од нашите прегратки те откинаа: Неготино тагува по згаснатиот млад живот!

by Fokus

Од 15 часот денес Неготино и оддава почит на прерано починатата дизајнерка Фросина Кулакова.

На градскиот плоштад се уште има стотици граѓани, кои занемени од трагедијата, стрпливо чекаат во ред да запалат свеќа и да положат цвеќе пред поставената фотографија на младата девојка.

Колоната од народ ја покажува својата солидарност, но и револтот поради загубата на младиот живот.

Фросина, која доцна завчера беше покосена на пешачки премин во Скопје, од страна на веќе докажан деликвент кој возел пијан и без возачка дозвола, и кој поминал на црвено светло со брзина од над 120 километри на час, денес беше погребана во родниот град.

– Од прегратки им го откинаа девојчето, низ солзи кажуваат сограѓаните, кои сочувствуваат со семејството на Фросина.

Додаваат дека излегле на градскиот плоштад да порачаат дека е доста од неправди и пропусти во системот, кои во случајов, завршија со една одземена младост.

Нејзините бројни пријатели се покосени од загубата. Си спомнуваат колку му се радувала на животот и на плановите за иднината.

Сограѓаните се едногласни во барањата за најстрога казна за лицето кое ја усмрти Фросина, но и одговорност од сите надлежни и засегнати служби за секој намерно или ненамерно сторен пропуст кој доведе до трагедијата.

Порачаа во иднина сериозно да се работи на превенција, за да не се зацрнат и други семејства.

Правда за Фросина се бараше и на протестот во Скопје на „Партизанска“, а граѓански активисти најавија протест и во Кавадарци, во недела на улица „Илинденска“.

Вики Клинчарова

Поврзани новости