Вчера беше донесена правосилна пресуда за случајот ,,Транспортер”, во која покрај поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески, им беа изречени казни уште на десет други лица, помеѓу кои и музичарот Џими Мицевски, фронтмен на популарната група ,,Молика” и сопруг на вокалистката Анета Мицевска.
Додека Талевски оди на издржување на седум-годишна затворска казна, на Мицевски за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување му е изречена алтернативна мерка – условна осуда, така што му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетиот во временски период од пет години по правосилноста на пресудата, не стори ново кривично дело.
Во случајот ,,Транспортер” има и конфискација на нелегално стекнати пари, во износ од над пола милион евра, а обвинетите ја злоупотребиле службената положба во врска со организирање на превоз на ученици во Битола. Во 2017 година пошироката јавност дозна дека музичарот е еден од обвинетите, кога тој барал одложување на следно судско рочиште за случајот, бидејќи групата имала веќе договорена турнеја во Австралија, а Специјалниот јавен обвинител Трајче Пеливанов тогаш во судот тврдеше дека има опасност од бегство доколку Мицевски ја напушти државата.
-Сакам да ја информирам јавноста дека ,,Молика’’ заминува на договорената турнеја низ Австралија. Точно е дека во овој период имаме мали турбуленции, но ние продолжуваме напред. Се најдовме во една незавидна ситуација, но правдата ќе излезе на виделина. Инаку, ние сме познати како група која досега имала над 30 турнеји низ Европа и светот-порача тогаш музичарот, по што замина на турнеја.
Инаку, Мицевски има транспортна фирма, а пак во 2019 година отвори ресторан во Битола, за кој на отворањето пред гостите раскажал дека го спечалиле само од музика.
Вики Клинчарова