Македонската Православна црква и понатаму продолжува да молчи откако пред неколку денови СЈО поднесе обвинение за случувањата во Општина Центар при протестот за изградба на црква и писмената реакцијата на ДПМНЕ, реагираат од ФРОДЕМ.
Според нив, во последното соопштение на ДПМНЕ се вели дека: ,,претставници на Македонската православна црква и здружението на граѓани Веритас се спротиставиле на намерите да се стопира изградбата на црквата Свети Константин и Елена во центарот на град Скопје.
– Со ова соопштение на ДПМНЕ, МПЦ и нејзини претставници се означени како соучесници и соорганизатори на насилните протести. Жално и недозволиво е молчењето на МПЦ поради бесрамниот обид на злоупотреба на верските чувства на граѓаните за одбрана на обвинетите криминални и насилни партиски личности и функциоери – се наведува во нивното соопштение.
Оттаму велат, доколку МПЦ е црква на сите верници и доколку се залага за вистина, јавно да одговори на две прашања – дали протестите во Општина Центар беа организирани на „верска основа“ или по партиска наредба и дали во Општина Центар демолираа „верници“ или партиски насилници?
– Со понатамошното затскривање и молчење МПЦ ќе ги потврди наводите и констатациите во соопштението на ДПМНЕ од 15 септември 2016 година и ќе се стави во улога на соучесник во срамната пародија на одбрана на обвинетите криминални и насилни партиски личности и функционери – се вели во соопштението.