Фрлени во светот

by Фокус

Надворешните политики на двете земји личеа на бродови, кои, некаде на отворено море, се разминуваат во магла. Нивниот повик да се вратиме назад во балканската историја и да расчистиме некои работи и нашиот да се свртиме кон европската иднина и широко да ги отвориме вратите на соработка, немаа никакви допирни точки. Заробеници на сопствените национализми, ние, во Македонија не можевме да отвораме болни теми од минатото, тие, пак, во Грција да се свртат кон иднината.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Подготвувајќи се за дијалог со грчката страна, која, наводно, требаше да ја овозможи португалското претседателство, решив да излезам со наша иницијатива.

По угледот на спогодбата склучена меѓу Германија и Полска, со која двата народи ја оставија зад себе историјата на меѓусебните непријателства и отворија нова страница на пријателство и соработка, подготвив „Договор за добрососедство и пријателска соработка меѓу Република Македонија и Република Грција“.

Ова беше мојот обид на грчкиот национализам свртен кон минатото и кон митот за „етнички чиста грчка Македонија“ да му противставиме документ свртен кон иднината.

Што се однесува до расчистување на нашето минато, мислев, тоа е единствено можно со заемна волја да се трага по вистината. Во случајот со грчката иницијатива беше очигледен обидот да ни се наметне нивната интерпретација на историјата.

Меѓутоа, тоа беше едноставно невозможно да се прифати бидејќи националистичките интерпретации ја толкуваат балканската историја преку поништувањето на постоењето други народи.

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ДОБРОСОСЕДСТВО

Имено, на Балканот, секој народ си ја пишува историјата како да не постоеле други народи на „нивната“ територија. Ако таквиот резон со кој ја интерпретираш историјата го пренесеш и во современите меѓународни односи, во ерата на демократијата, самоопределувањето на народите и човековите права, мислев тогаш, длабоко навлегуваш во апсурдот на сите апсурди. Ете зошто не можевме да се разбереме.

Значи, подготовките произведоа работна верзија на документот „Иницијатива за договор за добрососедство и пријателска соработка меѓу Република Македонија и Република Грција. Залудно. Надворешните политики на двете земји личеа на бродови, кои, некаде на отворено море, се разминуваат во магла.

Нивниот повик да се вратиме назад во балканската историја и да расчистиме некои работи и нашиот да се свртиме кон европската иднина и широко да ги отвориме вратите на соработка, немаа никакви допирни точки.

Заробеници на сопствените национализми, ние во Македонија не можевме да отвораме болни теми од минатото, тие, пак, во Грција, да се свртат кон иднината. Ред во моите мисли внесе една дефиниција за надворешната политика, која вели дека таа е производ на „колективната гордост, амбициите, стравовите, предрасудите и сликите создадени во свеста на народот“.

Грчката надворешна политика, помислив, е автентичен израз на сето ова, додека во нашата надворешно-политичка формула сѐ уште го немаше народот.

Имено, кај нас, сѐ уште се немаше етаблирал повеќепартискиот систем, кој требаше да ги артикулира на ниво на државна политика „колективната гордост, амбициите, стравовите, предрасудите и сликите создадени во свеста на“ македонскиот народ. Македонската надворешна политика извираше од главите на претседателот и на министерот за надворешни работи.

НАЦИОНАЛИЗАМ

Размислувајќи за ова, во бележникот од тие времиња сум запишал дека водам изгубена битка: „Национализмот е наша судбина“. Веднаш потоа се прашувам: „Што ќе се случи кога демократијата ќе му даде легитимитет на македонскиот национализам? Се разбира, се прашував и каква форма ќе земе.

Заклучувам дека ако ја ставиме меѓународната заедница пред избор меѓу нашиот национализам и тој на соседите, следејќи ги своите интереси, ќе се определат за вторите.

Оттаму заклучокот дека нашето единствено оружје се принципите на Нова Европа, дури и кога нивните протагонисти не се во состојба да ги почитуваат. Заклучувам дека треба многу храброст во националистичкиот пожар во Југославија и на Балканот, треба многу храброст за политика на мир зашто цената е лична.

Што се однесува до онаа „националната“ храброст, цената ја плаќаат народите. Го воочувам европскиот парадокс дека, иако се создадени правила на меѓународните односи еднакви за сите, сите не се однесуваат еднакво.

Зошто? Одговорот повторно го наоѓам во дефиницијата на надворешната политика на една земја, како „колективна гордост, амбиции, стравови, предрасуди и слики што се создадени во свеста на народите“.

Примерот за односите меѓу Грција и Македонија покажува дека домашните разлики произведуваат дивергентни надворешни политики. Но, разликите не произлегуваат од демократската супериорност на македонскиот народ, туку од фактот дека Македонија сѐ уште не е демократија, додека Грција е токму тоа – (балканска) демократија.

Заклучувам дека постои, не само глобален меѓународен систем, туку и регионални потсистеми – свет, Европа, Балкан… Притоа, забележувам дека секоја држава има сопствена орбита од која тешко може да се оттргне – ја влечат регионалните сили, кои, пак, ги влечат глобалните, и обратно.

Ние сме, како што би рекол Сартр, пишувам во белешките, „фрлени во светот“. Агонизирам врз нашата „национална ситуација“ и ги учам лекциите од меѓународна политика во пракса.

Нема друг излез, освен „да ги истражиме можните насоки на развој на Балканот и во светот и начините како да влијаеме врз нив со интелигентна човечка акција“, запишувам.

(Продолжува)

Поврзани новости