Фридом Хаус: С. Македонија во земјите со „хибриден режим“ но заедно со Узбекистан со најголем демократски напредок меѓу државите во транзиција

by Fokus

Северна Македонија заедно со Узбекистан се издвоени како две држави во транзиција со најголем демократски напредок изминатава година според годишниот извештај на Фридом Хаус за состојбата на демократијата во земјите во транзиција.

Земјава има подобрување од 0,07 поени, што е втор најдобар резултат од вкупно 29 земји кои се анализираат во извештајот. Сепак, и покрај ова подобрување, С. Македонија и понатаму останува во групата на држави кои имаат „хибриден режим“.

-Во Северна Македонија и Узбекистан делумните напори вродија со позитивни промени во реалноста, што беа причина за подобрување на резултатите на овие држави. Во Северна Македонија, центар-левичарската Влада на Премиерот Зоран Заев поправи дел од институционалните штети кои ги направија нивните десничарско-популистички претходници, а и понатаму има можност да ги испорачаат придобивките од демократијата“, стои во делот од извештајот кој се однесува на земјите со најголема позитивна промена.

С. Македонија истовремено има втор најдобар скор меѓу земјите во транзиција, и се наоѓа само зад Ерменија кога ќе се погледне напредокот или назадувањето во демократијата во последните пет години. Во истиот период најголемо демократско назадување имало во Полска и Унгарија.

Овогодишното издание на „Земји во транзиција 2021 година“ е насловено како „Антидемократски пресврт“. Во него се издвојуваат токму земјите како Унгарија и Полска, кои помогнаа кон поширока транзиција кон демократија во 90-тите години, а сега покажуваат знаци на продлабочување на авторитарното владеење.

-Актуелните лидери и владејачките партии ја корумпираат власта и шират антидемократски практики низ регионот кој се протега од Централна Европа до Централна Азија. Овие практики се опортунистички, но често се затскриени зад идеолошки агенди. И, бидејќи стануваат се почести, тие придонесуваат за урнисување на условите кои ќе имаат глобални последици за човековите слободи, стои во Извештајот на Фридом Хаус.

 

Поврзани новости