Глобалната слобода продолжи да се влошува и во 2023 година, што е тренд кој трае 18 години по ред, соопшти „Фридом хаус“ во штотуку објавен годишен извештај „Слободата во светот“.
Северна Македонија, како што пренесува Гласот на Америка на македонски јазик, останува во категоријата делумно слободни земји во друштво со Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Украина и Молдавија.
Најголем пад за последниве десет години од државите во регионот имаат Србија која бележи пад за 21 поен, како и Босна и Херцеговина со намалување на 10 поени.
Изборни манипулации, војни и напади врз плурализмот се клучни двигатели на глобалниот пад, според „Фридом хаус“. Речиси 38 отсто од луѓето во светот сега живеат во земји оценети како неслободни, 42 отсто живеат во делумно слободни земји и само 20 отсто живеат во слободни земји.
– Глобалната слобода направи голем чекор наназад во 2023 година. Светот се соочува со уште еден клучен тест во 2024 година, бидејќи милијарди луѓе се упатуваат на гласање, како и заради повеќето вооружени конфликти, вклучително и во Источна Европа, Јужен Кавказ и Блискиот Исток, на поголем дел од глобалното население ќе им бидат ускратени основните слободи во годините што следат, што на крајот ќе влијае на мирот, просперитетот и безбедноста, рече Мајкл Џеј Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.