Фрчкоски: Со Бугарите во Уставот се направи драматичен проблем од политички причини

by Fokus

„Белешки за македонскиот конституционализам, концепт на Уставот од 1991 година“ е нова книга на проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски.

Тој во интервју за ЦИВИЛ раскажува како е пишуван текстот за првиот Устав на независна Македонија.

„Устав пишува оној што знае и оној што може. Во таа ситуација ние имавме еден чуден прелом и на генерациите што беа образовни, професорите, помладите асистенти, интелектуалната граѓанственост, јас би рекол. Дел од луѓето, едноставно, не знаеја што да направат и како да го направат тоа. За оние што беа по уставните катедри, без некое посебно потценување, граница беше професор Ѓорѓевиќ од Белград. Расправата, од друга страна, во традиционална смисла, беше условно кажано, опеана во стиховите „од гроб станаа славните јунаци“ и практично, во таа рамка, не можеа ништо посебно да направат. Не знаеја, едноставно, да направат. Некои од нив работеа на устави на други држави на т.н. скратена федерација – беа неупотреблив човечки материјал“ вели Фрчкоски.

Професорот е дециден дека „во некои преамбули ги набројуваат, да речеме, малцинствата што стојат во државата, знаат да има дел и да ја карактеризираат државата од каков вид е – федерација, унитарна држава, претседател… Во таа смисла, постојат такви одредби во некои од преамбулите и во помал број, во редок број преамбули стои и еден историски наратив. Историскиот наратив, тој е како настанала државата. Значи, тој историски наратив нема влијание врз тоа каква е државата сега, но кажува како настанала, затоа што е тоа битно за нејзиното население од некоја причина. За нас, тоа беше битно. Се согледа веднаш дека е тоа битно за Македонците, затоа што првпат државата се создава, мора да стои како настанала и таму тоа го работеше Владо Поповски, пред сè“.

„Сосема друга приказна е со Бугарите. Тоа е посебна тема. Нема никаков проблем од тоа. Се направи драматичен проблем од политички причини, од причини што конечно се губи мотивот за етничка мобилизација во Македонија со влегување на Македонија во Европската Унија и во таа смисла паниката е дигната, не во концепциска смисла, тоа ми е поентата. Сега преамбулата – зошто е битно овие делови да се разликуваат, бидејќи при толкување во Уставниот суд, судовите, државните органи, историскиот наратив не се користи за толкување на таканаречениот дух на уставот, туку повеќе се користат овие инспиративни последни точки, како што се човекови права. Тие делови се користат како инспирација за толкување на одредбите. Се користи и делот на набројување на малцинствата, исто така, односно деловите од народи, но не историскиот наратив. Историскиот наратив е само една слика за тоа како се создава државата. И сега судирот беше, во таа смисла, драматичен“ вели Фрчкоски.

Поврзани новости