Љубомир Фрчкоски поднесе оставка на местото Амбасадор и Постојан претставник на Северна Македонија во ООН во Њујорк . Оставката и ја поднесе на Претседателката Гордана Силјановска – Давкова и за тоа го Извести МНР.
Професорот Фрчкоски очекува оставката да биде усвоена и да биде разрешен од Функцијата со Указ на Претседателката , како што и е назначен.
На прашањето дали тоа и како ке се одрази на работата на Мисијата на РСМ во Њујорк, како што пишува Либертас, Фрчкоски одговори:
“Не мислам дека на било каков начин тоа ке се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата која и до сега работела само бирократско-технички. Но има, за жал, шанса да се направи голема штета и срам за државата во една конкретна смисла и по повод еден конкретен случај.
Имено, Македонија предложи проект во ООН кој беше прифатен прв пат во својата историја на членство кој се вика “Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.
Проектот по наша иницијатива е прифатен и му е одреден буџет (што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН ) во одделот кој го води Г-ѓа Алис Ндериту, Под-Секретар и Специјална советничка на Генералниот Секретар на ООН за Превенција од Геноцид (The United Nation Office on Genocide Prevention and the Responsibility to Protect – OSAPG).
Цел на проектот е да се создаде:
Прво, Прирачник (Policy Paper) кој во наша чест како иницијатори на Проектот би се нарекол Скопје (Охрид) Policy Paper (во зависност каде би се одржала Првата Конференција за негово донесување). Прирачникот ќе содржи: методологија и начин на работа и начин на составување групи во рамките на ООН за медијација при идентитетски конфликти низ светот кој можат да доведат до вакви злосторства при што медијацијата треба да помогне да се избегнат трагичните исходи.
Второ, по донесувањето на Прирачникот (Policy Paper) треба да се создаде листа од експерти – медијатори како и листа на точки и жаришта на вакви тензии каде ќе се понуди помош и посредување од страна на ООН.
Проектот беше прифатен од страна на ООН, затоа што е тоа една од основните негови задачи, посредување при вакви тензии и е жестоко критикуван за својата пасивност и неуспеси при ваквите посредувања во минатото.
На основа на одобрениот буџет во април и мај 2024 се одржаа две on-line средби со експерти медијатори од цел свет на кои се дефинираше рамката за носење на Policy Paper и План за Акција кој би се нарекол според Скопје или Охрид Policy Paper со што на некој начин “создаваме историја” имајќи во предвид дека Македонија има искуство и знаење за решавање на вакви идентитетски конфликти во минатото и е препознаена како позитивен чинител во таа насока.
Финален чин на оваа фаза на проектот е Конференција на која би се дискутирал и усвоил Policy Paper и Планот за Акција, а која би се одржала во Скопје или Охрид. Предлогот на Специјалниот Советник Ндериту е периодот од 16- 27 Октомври 2024 година.
Министерот за надворешни нема поим за оваа супер важна инцијатива на Македонија за која има патем куп известувања пратени од Мисијата, но за која воопшто не се интересира и не комуницира. Тој има поважна работа во надворешната политика – да се занимава со сметките на амбасадите и амбасадорите .
Ако оваа иницијатива пропадне поради изгубеност, незаинтересираност или лоша волја на Министерот и министерството (наводно рекол “Фрчко си прави себе-промоција”) тоа ќе биде испуштање на историска шанса за здрава промоција на земјата на клучните прашања во ООН и воедно срам за земјата која без континуитет и проценка на основа на ресентименти ја води својата надворешна политика и ја дезавуира својата политичка позиција на сериозен партнер .
Но тоа е што е, не може со сила некому да му се даде памет и доблест- одговори професорот Фрчкоски .