Ирена Данаилова-Фрчкоска, aдвокатка на Катица Јанева, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за разговорот којшто го имала со премиерот Зоран Заев, а кој предизвика интерес во јавноста, бидејќи Заев наводно на лидерската средба, повикувајќи се на информации од адвокатката, истакнал дека се очекува Јанева да биде пуштена во домашен притвор.
„Апсолутно демантирам дека станува збор за било каква координација, бидејќи прашањето за притворот не е во надлежност на премиерот, ниту на Владата, што еве сега од денешен аспект се гледа дека практично притворот на Јанева и е продолжен и сите тие шпекулации коишто беа изнесени во јавноста минатите денови се покажаа како неточни“, рече Фрчкоска.
Таа се согласи со констатацијата дека Јанева е можеби и жртва на изјавата на Заев.
„Мислам дека тоа влијаеше многу негативно и врз органите коишто ја донесуваат таа одлука и практично на некој начин се оневозможи да и се укине притворот по основите по коишто ние како одбрана сметаме дека треба да и биде укинат“, истакна адвокатката.
Во текот на вчерашниот ден судијата на претходна постапка ја одби понудената гаранција на Јанева, која понуди имот за да се брани од слобода. Таа и понатаму останува во притвор во истражниот затвор „Скопје“.