Европската комисија (ЕК) не гледа ништо спорно во назначувањето на Фиона Скот Мортон, поранешен американски функционер во администрацијата на Барак Обама, за главен економист, како што изјави денес портпаролката на ЕК. Вчера Франција жестоко реагираше на тоа назначување.
„Не гледаме причина да го преиспитаме тоа назначување“, изјави денеска портпаролката Дејна Спинант.
Одлуката на извршната потпретседателка на ЕК, Маргрете Вестагер, за главен економист да назначи професор по економија на Универзитетот Јеил и поранешен функционер на Стејт департментот, предизвика бурни реакции во Франција. Тројца француски министри ја изразија својата загриженост за таа одлука и ја повикаа ЕК да ја преиспита, а против се и левичарите и десничарите.
Крајниот левичар Жан-Лук Меланшон рече дека назначувањето е доказ дека „европскиот континент се приклучува на Северна Америка“. Лидерката на радикалната десница Марин Ле Пен на Твитер напиша дека „Европа веќе воопшто не е европска“.
Мортон (56) ќе ја преземе функцијата на 1 септември кога актуелниот главен економист Пјер Режибо ќе се пензионира. Таа, исто така, ќе биде првата жена и првиот американски државјанин што ќе има функција во таа европска институција.
Скот Мортон, на чело на одборот, ќе има клучна улога во истрагите за можни прекршувања на прописите за еднаква пазарна конкуренција во сегментот на технолошките гиганти, како што се Google, Apple, Meta Platforms и Microsoft.
Назначувањето на Мортон доаѓа во време кога ЕУ треба да спроведе нови, амбициозни закони за регулирање на споменатиот сектор, а шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен се најде на удар на критичарите и обвинувањата дека е премногу „атлантски“ настроена.