Француските власти во Нова Каледонија ја вратија целосната контрола врз главниот град на таа територија на Пацификот, изјави денеска францускиот министер за внатрешни и прекуокеански работи.
Во Нова Каледонија две недели траеја немирите, во кои беа предизвикани големи штети во делот на архипелагот каде со децении владее тензија меѓу поддржувачите на независноста и оние кои се лојални на Франција.
Министерот Жералд Дарманен денеска на мрежата Икс изјави дека успешно е спроведена голема полициска операција во населбата Ривиер Сале, последниот дел од главниот град Нумеа кој беше под контрола на демонстрантите.
Тој рече дека 400 членови на безбедносните сили на Нова Каледонија учествувале во операциите, вклучително и членови на елитната француска полиција за борба против тероризмот и организираниот криминал и слични единици на француската војска.
Во акцијата беа уапсени 12 лица, беа отстранети 26 улични барикади на противниците на француската колонијална власт.
Насилството избувна на 13 мај како одговор на обидот на владата на францускиот претседател Емануел Макрон да го измени Уставот и да ги промени списоците за гласање во Нова Каледонија.
Партиите кои се за независност и лидерите на Канак го повикаа Макрон да го повлече нацрт-законот за изборните реформи доколку сака да стави крај на кризата.
Противниците стравуваат дека изборниот закон ќе биде во интерес на профранцуските политичари во Нова Каледонија и дополнително ќе ги маргинализира домородните луѓе на Канак, кои долго време водат кампања за ослободување од француското владеење во услови на големи економски разлики и децениска дискриминација.
Иако насилството стивна во последниве денови, тензијата е голема, а лидерите кои се за независност ги повикаа поддржувачите да останат мобилизирани и да го задржат отпорот кон Франција.
Иако е укината вонредната состојба, во вечерните часови и во текот на ноќта се уште е на сила полицискиот час, на сила е и забраната за јавни собири, транспорт и носење оружје и продажба на алкохол. Главниот меѓународен аеродром во Ла Тонтута ќе остане затворен, исто како и училиштата.
Нова Каледонија станала француска колонија во 1853 година под царот Наполеон Трети, по Втората светска војна била прогласена за „прекуморска територија“ на Франција, а сите членови на домородниот народ Канак добиле француско државјанство во 1957 година.