Во понеделникот доцна вечерта околу 60.000 француски навивачи на плоштадот Конкорд во Париз ја пречекаа фудбалската репрезентација која од Светското првенство во Катар не успеа да ја одбрани титулата освоена пред четири години во Русија.
Иако челниците на Француската фудбалска федерација (FFF) во понеделникот најавија дека нема да има формален дочек и дека репрезентативците сакале веднаш да заминат во своите домови, сепак тоа се случи и покрај болниот пораз во финалето од Аргентина, по изведувањето пенали.
Мноштво француски навивачи се собраа да ги поздрават фудбалерите кои беа шампиони и вицешампиони на последните две светски првенства, а голем делириум настана кога селекторот Дидие Дешан и играчите се појавија на балконот од хотелот „Crillon“.