Францускиот премиер Франсоа Баиро денеска изјави дека Франција и Европа мора заедно да се спротивстават на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата политика, во спротивно ќе бидат скршени.
– САД одлучија да започнат со исклучително доминантна форма на политика, преку доларот, кризата, својата индустриска политика, преку фактот дека можат да ги „заробат“ светските инвестиции и светските истражувања – изјави Баиро на новинарите, пренесе Ројтерс.
Тој посочи дека нешто мора да се преземе на овој план.
– Ако не направиме ништо, нашата судбина е многу едноставна – ќе бидеме доминирани. Ќе бидеме газени, маргинализирани. Начинот на кој ќе реагираме е одлука која зависи од францускиот народ и Европа, бидејќи очигледно, без Европа, не можеме ништо да направиме – додаде тој.
Доналд Трамп денеска ќе положи заклетва како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави.