Владини претставници денеска продолжуваат со консултации и информирање на најважните чинители и јавноста за последниот европски модифициран предлог којшто произлезе од фрацуското претседателство со ЕУ и, којшто, доколку биде прифатен од македонска страна, треба да го тргне бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
За напладне е закажана седницата на Советот за безбедност, по чие завршување претседателот Стево Пендаровски и официјално ќе го соопшти својот став за модифицираниот предлог. Според најавите, попладне треба да се случи и средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера преку објава на фејсбук ги демантира како што наведува, лагите и шпекулациите во врска со францускиот предлог, и порача дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија, без никакви фусноти и дополнувања.
– Се појавија многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог. Сакам да бидам кристално јасен: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа со овој предлог. Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската Унија. Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги. Нашата стратегија и план даде резултат, имаме нов предлог кој ги штити нашите стратешки и национални интереси. И во предлогот и во преговорите, нема да дозволиме тие да бидат загрозени. наведе Ковачевски.
Наспроти ставот на владините претставници опозициските партии, но и други партии, експерти и јавни личности сметаат дека предлогот не треба да биде прифатен.
Во Скопје синоќа пред Владата се одржа и протест под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“ против прифаќањето на овој предлог предводен од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, којшто беше поддржан и од други политички партии, граѓански организации и јавни личности кои сметаат дека предлогот од Франција е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.
На протестот беа кажани пораки против францускиот предлог, се апелираше тој да не се потпишува, а беа упатени и барања за оставки. Беше повикана Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.
-Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина, беше порачано на протестот.
Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки.
Учесниците најавија дека против прифаќање на францускиот предлог ќе излезат и денеска на исто место и во исто време.
Претседателот на опозициска ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот изјави за медиумите дека „нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме“.
– Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за совоето наследство. Тоа е она што сакам денеска да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, за неколку недели од оној грандиоизен настан од 18 јуни, изјави Мицкоски.