Долга дебата без епилог поради дијаметрално спротивставените ставови – ова, како што неофицијално дознава Фокус, е епилогот од синоќешната седница на Централниот одбор на ЛДП, на кој се дискутираше во однос на „францускиот предлог“ во пресрет на денешната собраниска седница.
Инаку, партискиот лидер Горан Милевски, заедно со скопскиот советник Никола Пановски и повеќе претседатели на општински организации, го застапувале ставот да се отфрли „францускиот предлог“.
Од друга страна, пак, според нашите информации, двајцата пратеници Моника Зајкова и Боби Мојсовски, поддржани од Емил Киријас и други членови, имале став да се поддржи „францускиот предлог“.
Поради поларизираноста во однос ова прашање, Милевски ја прекинал седницата со цел да не се предизвика поделба во партијата и да нема победени и поразени доколку се одлучува со надгласување.
Во текот на денешниот ден, посочуваат нашите соговорници, ќе се бара компромис помеѓу двете позиции на членовите без никој да отстапи од своите убедувања.
В.С.