Француски земјоделци најавија опсада на Париз

by Fokus

Францускиот премиер Габриел Атал вечерва вети дека брзо ќе реагира на незадоволството на земјоделците кои за утре најавија „опсада на Париз“, бидејќи сметаат дека најавените владини мерки се недоволни.

Владата вечерва најави присуство на 15.000 полицајци за да спречи трактори утре да влезат во самиот Париз и во другите поголеми француски градови.

Земјоделските синдикати најавија „опсада на градот“ од утре наутро.

Атал се обиде да ја смири ситуацијата разговарајќи со земјоделците, кои зборуваа за падот на приходите, ниските пензии, инфлацијата и конкуренцијата од странските компании.

„Сакам да ги расчистам работите и да видам каква понатамошна акција можеме да преземеме во врска со овие приказни за нелојална конкуренција“, рече Атал.

Водечкиот синдикат на земјоделци FNSEA во петокот рече дека владата мора да направи многу повеќе отколку што направи досега.

Најавено е дека земјоделците ќе блокираат неколку стратешки важни сообраќајни точки околу Париз, особено околу меѓународниот аеродром „Роаси Шарл де Гол“.

Поврзани новости